Македонскиот КИЦ во Тирана промовираше млади сликари од двете земји

Фото: КИЦ на Македонија во Тирана

Во македонскиот Културно-информативен центар (КИЦ) во Тирана вчеравечер беше отворена заедничка изложба на млади сликари од Албанија и Северна Македонија.

Со свои дела се претставија Риза Зибери, Матео Ордев, Ералд Незај, Ренид Тосуни, Самела Балази, Ерисаида Веизај, Беса Мустафаи, една нова генерација на уметници.

„Независно што сношти беше врнежлива ноќ во Тирана, имаше многубројна млада публика, која возбудено доаѓаше во нашиот КИЦ да ужива во убавините на овие млади уметници. Сликарите се претставија секој со по 3 слики, најмладиот од нив, Матео Ордев има 12 години“, изјави директорот на македонскиот КИЦ во Тирана, Златко Ориѓански.

Ориѓански најави дека наскоро, во организација на Културно-информативниот центар во Тирана во главниот град на Албанија ќе гостува Битолскиот театар, со што за првпат во историјата на двете земји ќе биде изведена претстава на македонски јазик.