Македонски девелопери учествуваа на Global Game Jam и создадоа дваесет игри

Фото: МАГДА

Над 100 професионалци, студенти и ентузијасти, учествуваа на Global Game Jam Македонија, што во организација на Македонската асоцијација за развивање на игри – МАГДА, се одржа од 3 до 5 февруари во Скопје и во Битола. За време на хакатонот, што трае 48 часа и се одржува во исто време на многу локации низ светот, беа создадени вкупно 20 игри, од кои 17 во Скопје и три во Битола, на тема Roots односно Корени.

Жирито составено од претставници на Indium Play, CrazyLabs, Haselt, A1, SEDC и GG.mk наградата за најдобра игра ја додели на тимот Multiply Games и нивната игра Back To Your Roots, а наградата „Девелопер“ ја доби играта Spread на тимот CBT. Играта со најдобар цртеж што ја освои наградата „Д Артист“ е Land of Dust на тимот Error 404.

Најмлад учесник на хакатонот беше 12-годишниот Лука Плавевски кој работеше на играта „Sudo Hack n Slash“, како дел од тимот Cyberpunk Pilots of the Empire. За неговиот талент и голема желба за работа му беше доделена наградата „Надежен девелопер“.

„Од игрите кои ни оставија впечаток со убава приказна или заразен gameplay би ги издвоиле Mycela од тимот Frozen Flame, 404 Rabbits од тимот Galactic Omnivore, This Mole DOES NOT Share His Food!! од тимот Goat Soup, Кораб од тимот Шумлива Таблета, но и сите останати затоа што секој тим ја развиваше својата игра со големо внимание и посветеност. После повеќе години, на локацијата во Скопје повторно беше креирана друштвена игра, Zen Garden од тимот Битолчани. Учесниците имаа шанса да чујат и три едукативни предавања од компаниите CrazyLabs, Indium Play и IBSC, а самите предавачи дополнително им помагаа на тимовите во работата“, информираат од МАГДА.

Видеата од сите игри создадени на скопската локација на Global Game Jam Македонија може да се погледаат на YouTube каналот на МАГДА, а дел од нив може да се преземат од веб страната на Global Game Jam. Игрите создадени на локацијата на Global Game Jam во Битола  можат да се преземат од веб страната на Global Game Jam.