Либералната партија го поздрави барањето на Групацијата на пазари при Стопанската комора на Македонија за решавање на проблемот со дивите пазарџии, кои на улица, од камиони, продаваат сезонско овошје и зеленчук.

„Овие диви продавачи не само што нелегално тргуваат и создаваат нелојална конкуренција, туку и ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот и дополнително ја загадуваат околината, создавајќи отпад од кој се шират разни болести. Финансиската загуба поради нивното неконтролирано и неконкурентно дејствување изнесува 20 отсто од вкупниот приход на организаторите на пазарите“, велат од Либералната партија.

Оттаму додаваат дека за да се стави крај на овој 25-годишен проблем со нелојалната конкуренција, потребна е континуирана акција на Министерството за внатрешни работи, пазарната и на комуналната инспекција, преку конфискација на стока, заплена на моторни возила и парични казни на дивите продавачи во скопските општини и во градот Скопје, како и во другите градови.