Културната манифестација „Бела ноќ“ ќе се одржи в сабота во Скопје

Граѓаните ќе имаат можност да уживаат во музички концерти, изложби, проекции, поетски читања и перформанси на десетици локации низ градот

Илустрација: ЈУ Универзална сала

Традиционалната културна манифестација „Бела ноќ“ ќе се одржи в сабота на повеќе локации низ Скопје. Граѓаните ќе имаат можност да уживаат во музички концерти, изложби, проекции, поетски читања и перформанси на десетици локации низ градот.

Централната манифестација ќе се одржи пред „Порта Македонија“ каде скопјани ќе можат да ги слушнат композициите од маестро Кире Костов, кои ќе бидат изведувани од Андријана Јаневска, Наде Талевска, Дани Димитровска и Ламбе Алабаковски придружувани од Биг Бенд под диригентската палка на Љупчо Мирковски и специјално визуелно шоу со 3D мапинг на самата порта. Како претходница ќе може да се чуе рок концерт на музичкото училиште „Ентерпрајз“ на класата ученици од 10 до 18 години.

„Октомвриски музички поход“ ќе го имаат своето првенствено издание на „Школка“ во градскиот парк. Во Факултетот за Драмски уметности ќе можат да се погледнат повеќе театарски претстави како и филмска и музичка програма. На плоштадот „Филип Втори“, пак, ќе може да се ужива во изведбите на македонските традиционални ора од повеќе културно-уметнички друштва.

Во Кинотеката на Македонија ќе можат да се проследат македонски филмски и музички достигнувања, во Галерија Остен ќе биде поставена изложбата „Право на јавни простори“ од Факултетот за архитектура и дизајн на Универзитет Американ Колеџ. Во „Капан Ан“ ќе биде прикажан проектот „Никеја“ со Славе Димитров и Весна Ѓиновска Илкова, а во Домот на културата „Кочо Рацин“ ќе биде поставена изложбата „Култура во кутија“ на Доминиум културно јадро.

Во ноќниот клуб „Пјур“ ќе се одржи Skopje Fashion Festival каде ќе се прикажат модните дизајнери Ивана Кнез, Џорџе Башаревиќ, Бошко и Цеце Т.

Целата програма со распоред, локации и учесници може да се погледне на овој линк.  Сите настани се од отворен карактер и се бесплатни за посетителите.

Настанот е во организација на ЈУ Универзална сала, а е финансиран од Град Скопје.

Илустрација: ЈУ Универзална сала