По поднесена претставка од страна на Коалиција МАРГИНИ, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди продолжено и повеќекратно вознемирување врз основа на род, сексуална ориентација, родов идентитет, социјално потекло и припадност на маргинализирана група во учебникот Социологија за трета година реформирано гимназиско образование, од страна на: авторите Кеснофон Угриновски и Трајан Крстевски, рецензентите Илија Ацевски, Момир Стаменковиќ и Зоран Петрушевски и Министерството за образование и наука, кое донело решение со кое се одобрува употребата на учебникот.
„Учебникот како целина врши вознемирување кон ЛГБТИ луѓето, сиромашните, сексуалните работници и самохраните мајки“, велат од КСЗД. Со оглед на тоа дека вознемирувањето е сторено по повеќе основи и учебникот е во употреба повеќе години, Комисијата утврди продолжено и повеќекратно вознемирување што е потежок облик на дискриминација.
Така, на пример, во учебникот се зборува за самохраните мајки како за кориснички на социјална помош, како за беспомошни родители и зависни од мажите и како за неспособни да се грижат за децата без помош од државата. За жените воопшто се зборува стереотипно и тие се опишани како „послаб пол“. Од друга страна, никаде во содржината не се зборува за самохрани татковци, што ја негира улогата на мажите во грижата на децата и се вели дека „постоењето на многу семејства без татко“ е причината која влијае на одлуката дали да се има или да се нема деца. Понатаму, учебникот ја афирмира и машката супермација бидејќи во него нема ниту една слика на која е претставена единствено жена, а низ содржината се споменати 119 мажи, наспроти 5 жени. Со овој избор на реферирање на исклучиво мажи чии теории се пренесуваат во учебникот се негира учеството и улогата на жените во општествените науки, што претставува вознемирување врз основа на пол и род.
Во учебникот во поглавјето посветено на сиромаштијата се изнесуваат застарени и одамна отфрлени теории за сиромаштијата, кои ги дехуманизираат сиромашните луѓе, генерираат омраза, предрасуди и неразбирање на нивните социјални проблеми. Учебникот го афирмира ставот дека „сиромаштијата е избор и претставува култура на живеење, а дека сиромашните се самите криви за состојбата во која се наоѓаат“. Тука сиромаштијата се асоцира со „слободни врски или диви бракови, напуштање на децата и жените“, „нагласена ориентација кон сегашноста која изродува со неподготвеност да се одложат задоволствата, чувството на незаинтересираност и фатализам“ како и низа други особини кои за авторите се негативни. Авторите тука ја прикажуваат сиромаштијата како нужност поради распределба на работни позиции, па според нив функцијата на сиромаштија е да обезбеди некој да ги работи „најнечесните и најопасните работи“.
Во учебникот сексуалната работа е изедначена со криминал, а сексуалните работници се ословени како „проститутки. Ваквото нивно претставување е вознемирувачко и ги афирмира стереотипите за сексуалните работници како криминалци, неморални и општествено непожелни, што претставува вознемирување врз основа на припадност на маргинализирана група и социјално потекло.
„Во учебникот се истакнуваат повеќе неточни тврдења кои ги афирмираат стереотипите за трансродовоста и претставуваат вознемирување врз основа на родов идентитет. Генералниот впечаток е дека учебникот перпетуира хомофобија и трансфобија, а учениците од него се стекнуваат со погрешни информации за ЛГБТИ луѓето. За ЛГБТИ учениците овие содржини се вознемирувачки и предизвикуваат повреда на нивното достоинство, непристапност до современо образование, намалена самопочит и нееднакви услови за успех и развој. Кај останатите ученици, овие содржини може да доведат до стекнување или зацврстување на хомофобичните и трансфобичните ставови, кои имаат потенцијал да резултираат со врсничко насилство мотивирано од омраза“ – се вели во Мислењето на КСЗД.
Содржината на учебникот сведуваат хомосексуалноста само на сексуални односи меѓу две лица од ист пол, што претставува застарена дефиниција на хомосексуалноста. Текстот пропагира дека парадите на Гордоста предизвикуваат реакции кај одредени кругови и се сметаат за непристојни во општеството“, велат од КСЗД. Освен тоа, во содржината има вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Низ поглавјето се зборува за биолошките и општествено континуираните разлики меѓу мажите и жените, без да се спомнат интерсекс луѓето, трансродовите лица или родово небинарните лица. Во само еден дел од лекцијата „Општествена конструкција на родовите“ се зборува за овие прашања, па така на пример, „личностите кои имаат двополовост се наречени хермафродити“, што е застарен и вознемирувачки термин, кој е одамна заменет со интерсекс луѓе. Трансродовите лица тука се дефинирани како „ни мажи ни жени“, како „мажи заробени во женски тела“ или „жените кои се заробени во машки тела [и кои] ја прифатиле родовата улога определена за мажите, но се чувствуваат како жени“, што е сосема погрешно сфаќање на трансродовото искуство.
Конечно, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација препорача Министерството за образование и наука (МОН) најдоцна во рок од 6 месеци да го повлече од употреба учебникот и во иднина да не одобрува употреба на учебници чија содржина врши вознемирување врз основа на род, сексуална ориентација, родов идентитет, социјално потекло, припадност на маргинализирана група или која било друга дискриминаторска основа од ЗСЗД и ратификуваните меѓународни договори. Исто така, побара авторите најдоцна во рок од 6 месеци да извршат ревизија на спорните делови од учебникот на начин што ќе ги отстранат содржините со кои се врши вознемирување врз секоја од погоре наведените основи, како и рецензентите во иднина да не одобруваат употреба на учебници, чијашто содржина врши вознемирување врз дадените основи согласно ЗСЗД и ратификуваните меѓународни договори.
Освен ова, КСЗД останува да го следи извршувањето на препораките и на Мислењето сè до нивно исполнување. Доколку субјектите не постапат по Мислењето, Комисијата има законска надлежност да поднесе Барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежниот суд за прекршоци, согласно Член 27, став 4 од ЗСЗД.