fbpx

Кривичниот суд останува со 42 судии и 215.000 предмети, се бара делегирање нови

Судиите од кривичната област Александра Ристеска, Весна Димишкова и Осман Шабани, од Кривичниот ќе заминат да работат во Апелациониот суд Скопје, со што во прашање се доведува и судбината на нивните предмети

-

Судскиот совет избра четворица нови судии во Апелацискиот суд за кривичната област, од кои тројца доаѓаат од Основниот кривичен суд Скопје. Со ова, првостепениот суд останува со 42 судии. Судиите од кривичната област Александра Ристеска, Весна Димишкова и Осман Шабани, од Кривичниот ќе заминат да работат во Апелациониот суд Скопје, со што во прашање се доведува и судбината на нивните предмети.

Доколку предметите на кои работеле не станат правосилни до нивниот официјален избор, тие ќе бидат делегирани кај други судии, по што автоматски овие судења ќе почнат отпочеток.

Па така на пример, Ристеска е судијка за предметот со несреќата кај Ласкарци, кој веќе е во фаза пред завршни зборови. Основниот кривичен суд Скопје денеска се обратил до Судскиот совет со барање Ристеска да биде времено делегирана во Кривичниот суд сè до објавување на првостепената пресуда за конкретниот предмет.

„Судењето за автобуската несреќа кај с.Ласкарци е во фаза на завршни зборови за што веќе се насрочени четири продолженија во текот на тековниот и следниот месец. Барањето е со цел економичност и целисходност на постапката како и спречување на непотребни одолговлекувања имајќи предвид дека со промена на судечкиот совет предметот може да почне од почеток со изведување на сите вербални и писмени докази како и сите вешти наоди“, велат од Кривичниот суд.

Воедно, судот бара од Судскиот совет во најкус рок да делегира најмалку тројца судии и тоа во одделот за кривично полнолетни, одделението за организиран криминал и корупција и одделението за претходна постапка, каде до овој момент постапуваа тројцата судии.

„Судот со заминувањето на тројцата судии, заради нивниот избор во второстепен суд, и претходното престанување на судиската функција на 5 судии во текот на 2023 година како и делегирање во друг суд на 6 од 10 новоизбрани судии во текот на изминатата година, Основниот кривичен суд останува со 42 судии, што може да ја доведе во прашање ажурноста на судот и надминување на приливот на нови предмети, имајќи предвид дека на годишно ниво судиите постапуваат по 215.000 предмети“, велат од Основниот Кривичен суд.

Судскиот совет на вчерашната седница избра осум судии во Апелацискиот суд во Скопје. За судии од кривичната област беа избрани Габриела Гајдова, Александра Ристеска, Весна Димишкова и Осман Шабани.

Од граѓанската област во скопска Апелација беа избрани Александар Шопов, Ирена Костадинова Ангелова, Наталија Донева и Илир Сулејмани.

Како што информираа од Судскиот совет, на огласот за осум позиции во Апелацискиот суд во Скопје биле пријавени вкупно 45 кандидати, од кои 21 кандидат за четири судии за граѓанска област и 24 кандидати за четири судии од кривична област.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...