fbpx

Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ не може да се амнестира од дилот за измените на КЗ

Секако, ако главниот кабает за овој срам за владеењето на правото во Македонија е на власта предводена од СДСМ и ДУИ, опозицијата, вклучувајќи ја и најголемата партија во нивните редови, ВМРО-ДПМНЕ, нема да може никако себе си да се амнестира, затоа што со неактивност во Собранието ги дозволија измените во еден ден

-

Ако главниот кабает за овој срам за владеењето на правото во Македонија е на власта предводена од СДСМ и ДУИ, опозицијата, вклучувајќи ја и најголемата партија во нивните редови, ВМРО-ДПМНЕ, нема да може никако себе си да се амнестира, затоа што со неактивност во Собранието ги дозволија измените во еден ден и со тоа станаа учесници и корисници на бенефициите од измените. Премијата може да биде од Талир 2, за кој треба да решава Апелација, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

ВМРО-ДПМНЕ во последните денови ја засили реториката за „валкани дилови“ на оската СДСМ-ДУИ со поранешни партиски челници, меѓу кои и со Никола Груевски, но во ваквата реторика се детектира и спин:

Спин: …Се реафирмираа ставовите кои беа изнесени во јавноста минатите денови, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ го осуети планот на власта, на оската ДУИ – СДС и поранешни функционери на опозицијата кои одлучиле да се стават на нивно располагање преку валкани дилови за причини само ним познати, а кои директно ќе одат на штета на македонскиот народ

ВМРО-ДПМНЕ е главен партнер на идната влада која ќе ги донесе промените кои и се неопходни на Македонија, а потоа ќе следи одговорност за сите кои во различни сфери и области направиле голема штета на Македонија!

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – ЦК на ВМРО-ДПМНЕ/Соопштение/веб, датум: 21.09.2023]

 

 

Контраспин: Најголемата партија во опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ, можеби била цел на непринципиелно замешателство од страна за соборување на актуелното раководство и поделба во партијата и можеби тој план е „осуетен“, како што се вели во синоќешното соопштение на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, но партиските првенци нема да може да се амнестираат од учество во валкани дилови со своите политички противници во целост.

Оттука, кога од партијата зборуваат за поранешни функционери на опозицијата кои одлучиле да се стават на располагање на оската СДСМ-ДУИ преку валкани дилови за причини само ним познати, а кои директно ќе одат на штета на македонскиот народ“, де факто спинуваат, зашто и тие се, ако не директно, тогаш премолчно (со исклучок на професорката Сиљановска – Давкова), дел од тие дилови, кои испливаа на површина со експресно менување на Кривичниот законик пред десетина дена.

Оттаму, спин или извртена вистина е и тврдењето од синоќешното соопштение дека кога ќе дојдат на власт „ќе следи одговорност за сите кои во различни сфери и области направиле голема штета на Македонија“.

Партијата пред оваа кулминација на византиските игри што резултираше со жестока кавга меѓу Никола Груевски и Христијан Мицкоски, мака мачеше цели два-три дена да најде солидна прифатлива реакција за јавноста по измените на КЗ, што власта, со помош на опозицијата, ги протурка за еден ден во Собранието. Потоа, во изминатите денови следеше мантрата што најјасно ја кажа Антонио Милошоски на 20.09.2023 дека „измените во кривичниот законик, не се случајни, имаат двојна цел, првата е да се амнестираат функционери од актуелната власт, кои во изминативе години, за жал, ја ограбуваа државата, и второ, да се влијае на процесите кои се однесуваат на Груевски“.

 

ВМРО-ДПМНЕ, исто така, има огромни придобивки од измените на КЗ

Но ова е спин, зашто вистината се извртува, односно се испушта еден значаен дел, а тоа е дека со измените на КЗ се влијае врз судбината на десетици и десетици поранешни или сегашни функционери на ВМРО-ДПМНЕ или пица тесно поврзани со партијата и тоа само преку 14-те случаи на СЈО кои сè уште немаат правосилност во судската постапка. Во овие случаи, за кои експертите прецизно пресметаа дека се опфатени 80-тина лица, најголем дел од или блиски до ВМРО-ДПМНЕ, има и еден мега важен случај за самата партија, Талир 2, каде што со првостепената неправосилна пресуда, освен затворските казни за Груевски и компанија, се наоѓа и одлуката за конфискација на зградата на партиското седиште и уште 30-тина други други објекти на партијата. Апелација на крајот од овој месец треба да донесе одлука по жалба на одбраната што ќе прави со оваа пресуда, која, исто така, може да биде преиначена токму поради измените на КЗ и би можел да значи кинење на јажето што финансиски ја дави партијата.

Експертите и јавноста веќе почнуваат да дебатираат за придобивките на сите политички елити во земјата од овие измени, но и за сметката што треба да ја платат граѓаните, а која ќе се брои во милионски износ во евра на име на отштета (види текст на колегите од Призма), но и на име на изгубени буџетски пари при спроведување на силните истраги и на некогашното СЈО и на ОЈО и ОЈО ГОКК подоцна околу овие или нови случаи, каков што беше „Феникс“.

И, секако, ако главниот кабает за овој срам за владеењето на правото во Македонија е на власта предводена од СДСМ и ДУИ, опозицијата, вклучувајќи ја и најголемата партија во нивните редови, ВМРО-ДПМНЕ, нема да може никако себе си да се амнестира, затоа што со неактивност во Собранието ги дозволија измените во еден ден и со тоа станаа, ако ништо друго, премолечни учесници и корисници на бенефициите од измените.

 

Пишува: Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...