fbpx

Контраспин: СДСМ спинува за фотографијата на која се Мицкоски и Блажески

-

Целото тврдење на СДСМ за Мицкоски и Томе Блажески, основачот на клубот од Охрид „Цар Борис Трети“ е еден спин базиран врз претпоставки и недокажани факти. СДСМ поаѓа од фотографија на која се гледа како во некој црковен објект на заедничко место лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христјан Мицкоски и основачот на клубот во Охрид Цар Борис Трети, Томе Блажески, палат свеќи. Но, оваа фотографија не докажува ништо друго, освен дека двајцата биле на исто место во исто време, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ искомуницира со јавноста со соопштение за претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во кое се препознава спин:

Спин: Граѓаните очекуваат одговори од Мицкоски, да ја објасни својата поврзаност со претседателот на контроверзниот бугарски клуб во Охрид „Цар Борис Трети“.

Лицемерниот Мицкоски да не бега туку да ги објасни сликите и да каже во какви релации е со претседателот на бугарскиот клуб.

Дали ги поврзува само членството во ВМРО-ДПМНЕ или има и нешто друго?

ВМРО-ДПМНЕ е партија којашто е иделошки поклоник на луѓето што биле извршители на Третиот Рајх и во својот статут има континуитет со Ванчо Михајлов и Тодор Александров.

[Извор: СДСМ – Соопштение, датум: 09.10.2022]

 

Контраспин: Целото тврдење на СДСМ за Мицкоски и Томе Блажески, основачот на клубот „Цар Борис Трети“ од Охрид е еден спин базиран врз претпоставки и недокажани факти.

Имено, СДСМ поаѓа од фотографија на која се гледа како во некој црковен објект на исто место Мицкоски и Блажески палат свеќи. Но, оваа фотографија не докажува ништо друго освен дека двајцата биле на исто место во исто време. Токму свесни за овој факт, од партијата не даваат директно тврдење, туку спинуваат со прашања од типот – граѓаните ги чекаат одговорите за да ја објасни својата поврзаност, лицемерниот Мицкоски да не бега да ги објасни сликите и да каже во какви релации е поврзан со претседателот на бугарскиот клуб, итн.

Бидејќи нема факти, освен фотографијата, за да го засили впечатокот, СДСМ завршува со тврдење дека „ВМРО-ДПМНЕ е партија којашто е идеолошки поклоник на луѓето што биле извршители на Третиот Рајх и во својот статут има континуитет со Ванчо Михајлов и Тодор Александров“.

Христијан Мицкоски „не бегаше“ и на новинарско прашање на прес конференцијата во понеделник (11.10.2022), појасни како се знае со Блажески и каква е неговата поврзаност:

Точно знам кога е направена таа фотографија. Бевме во Бигорски манастир да запалиме свеќи и тие беа таму како групација. Ми дадоа една книга, која нормално им ја вратив. Тоа е единствената моја средба со тоа момче.

Според тоа, дури и да не е вистина ова што го зборува Мицкоски, кој, патем, го осуди отворањето на клубот во Охрид (иако и тој спинува дека тоа е резултат  на „поданичките и предавнички политики на владата на СДСМ“), тврдењето на СДСМ за подлабока поврзаност меѓу Блажески и Мицкоски е спин. Тука не помага ни непоткрепеното тврдење дека „ВМРО-ДПМНЕ е партија којашто е идеолошки поклоник на луѓето што биле извршители на Третиот Рајх“ и тоа се врзува и со Статутот на ВМРО-ДПМНЕ.

Имено, во Статутот на ВМРО-ДПМНЕ ниту на едно место не се споменуваат двајцата посочени во соопштението на СДСМ. Континуитетот, СДСМ го вади поради тоа што на еден од претходните конгреси на ВМРО-ДПМНЕ се менува бројот на одржаните конгреси и се земаат предвид сите конгреси одржани на ВМРО во 20-тиот век, а не од нејзиното формирање како ВМРО-ДПМНЕ во 1990г. Па така, во актуелниот Статут пишува дека тој е усвоен на 17-тиот конгрес на партијата одржана во 2021 година.

Но, тоа што „првиот дел од името, ВМРО (Внатрешна македонска револуционерна организација) ја изразува вековната традиција и континуитет на идеолошка и политичка борба на македонскиот народ за национална држава и национален просперитет“, како што пишува во член 3 од Статутот, па поради тоа е изведена промена на бројот на партиските конгреси, не значи и не може да значи дека партијата „е идеолошки поклоник на соработниците на Третиот Рајх“, иако и формално и суштински, Ванчо Михајлов може да се вброи во таквите. Но, никако и Тодор Александров. Токму затоа и ваквото тврдење на СДСМ е непоткрепено и едвај полувистинито. Суштински, ниту еден член од Статутот на ВМРО-ДПМНЕ од над 80 членови на над 20 страници, не укажува на поткрепа на таквото тврдење, макар и од далеку.

Што не значи дека во минатото особено или денес, нема да пронајдете некој лик од органите и телата на ВМРО-ДПМНЕ кој има длабока почит кон Михајлов, уште повеќе кон Александров. Впрочем, првиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, во повеќе интервјуа зборувал за ваквите ликови и како подоцна ја менувале својата идеолошка определеност и не се сеќавале на тоа што го зборувале. Но, тоа не значи дека може да се оцени дека партијата е идеолошки поклоник на соработниците на Третиот Рајх.

Поради тоа, оценката е дека гореспоменатото соопштение на СДСМ со содржината во него, е спин.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со автоматска пушка влегол во казино во Лешок и украл над 300.000 денари

Наредба за истражна постапка против 28-годишен жител на селото Непроштено, Општина Теарце, кој е осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка, донесе Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово. Во...