Наместо како природно богатство, граѓаните Кањонот Матка го третираат како отпадна канта

Отпадоци расфрлани околу масичка за излет на само 10 метри од корпа за отпадоци / Фото: Мета.мк

Додека е на пат кон прогласување на споменик на природата, Кањонот Матка се гуши во смет по завршувањето на летната сезона.

За скопјани, но и за другите граѓани на државава посетата на селото и Кањонот како простор за рекреација беше можност за ладење од топлиот асфалт во текот на летото и за одмор во природа со чист воздух.

Сепак, при посетата на подножјето во пределот што води кон патеките за пешачење има многу отпадоци оставени од несовесни посетители.

Конзерви од храна, пластични шишиња, па дури и отпадоци од памперси и хартии од измет се меѓу најбројните што може да се забележат во грмушките, а некои оставени дури и на неколку метри од поставените корпи.

При последната посета увидовме дека просторот и од двете страни на реката Треска е чист, а исчистено беше и за време на летото. И покрај напорите за зачувување на живописната природа, се чини дека екипите на Јавното комунално претпријатие не можат да допрат до деловите каде граѓаните го фрлаат ѓубрето.

Во однос на тоа колку често работи на терен Комуналното претпријатие Сарај, Мета.мк минатата недела испрати прашања до Општина Сарај од каде не добивме одговор.

„Колку често се чистат селото и патеките што водат до Кањонот Матка? Кој е вашиот став во однос на свеста и невнимателноста на луѓето кои своите отпадоци ги оставаат во природата и покрај бројните поставени корпи за отпадоци? Дали во текот на летниот период загадувањето на околината е поголемо доколку се земе предвид дека месноста е попосетена? На кој начин може да се влијае на граѓаните за да се подигне еколошката свест?“, се прашањата што останаа неодговорени до денот на објавување на оваа статија.

По објавувањето на Нацрт законот за репрогласување на Кањонот Матка за споменик на природата што беше објавен на 26 септември, јавната расправа за разгледување на неговата содржина е закажана за 17 октомври.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека богатиот биодиверзитет, разновидноста на природните вредности и геодиверзитеот, се основните причини Кањонот Матка да биде рангиран како еден од најзначајните локалитети на природно наследство во државава.

И покрај вклучувањето на оваа природна знаменитост во Националната Емералд мрежа на подрачја од посебен интерес за зачувување на Европската Унија, негувањето од страна на домашното население останува на ниско ниво, а со тоа директно се загрозуваат живеалиштата на флората и фауната распространети во целата област.

Објавен е Нацрт законот за репрогласување на Матка како споменик на природата