fbpx

Контраспин: Отвoрена истрага на ОЛАФ не значи и потврден криминал

Комуникациските вештини на пи-ар тимовите на политичките партии се од огромна важност за придобивање нови гласачи и подобра позиција на партиите во јавноста, но, во никој случај не е дозволено, пред сè, од етичка гледна точка, кога се зборува за измами на политичкиот противник да се служат и самите со измами

-

Веста за 18 истраги на ОЛАФ во С.Македонија за пет години секако дека е има своја тежина и е предупредувачка, без оглед што недостасуваат многу елементи како што се институциите и типот на препораките што се дадени откако истрагата завршила. Но кога ќе се употреби во теза дека тоа покажува дека СДСМ и ДУИ се расадник на криминалот, тогаш тоа е спин, зашто се извртува вистината преку манипулирање на значењето на бројот на отворени (или затворени) истраги, пишува Вистиномер во својата анализа

 

Текстот го пренесуваме во целост: 

 

Од ВМРО-ДПМНЕ на „волеј“ ја дочекаа веста од албанскиот „Еуроњуз“ дека од 36 отворени истраги на ОЛАФ во Западен Балкан во текот на пет години, само во С. Македонија се отворени 18, па во еден спинуван манир комуницираат со јавноста дека тоа покажува дека власта е расадник за криминал:

Спин: Власта на СДС и ДУИ е расадник за криминал, ОЛАФ регистрира 18 случаи на злоупотреба на европски средства во Македонија, половина од сите злоупотреби во регионот. Европската канцеларија за борба против измами ОЛАФ истражува 18 случаи на измама и злоупотреба на европски пари во Македонија, тоа е една половина од сите измами во земјите од Западен Балкан. Бројката на случаи ја потврди и евроамбасадорот во земјава. Наместо кај граѓаните и компаниите европските средства очигледно завршувале во нечии џебови, тоа не можело да помине без знаење од власта. Не е возможно да има 18 случаи на злоупотреба на европски пари, а никој од власта да не знае за тоа…

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение, датум: 27.07.2023]

 

КонтраспинКомуникациските вештини на пи-ар тимовите на политичките партии се од огромна важност за придобивање нови гласачи и подобра позиција на партиите во јавноста, но, во никој случај не е дозволено, пред сè, од етичка гледна точка, кога се зборува за измами на политичкиот противник да се служат и самите со измами. А, таков пример е соопштението од ВМРО-ДПМНЕ (и изјавите во претходните два дена од нивни претставници во јавноста) поврзано со работата на ОЛАФ во земјава, т.е. на истрагите за злоупотреба на европски фондови што се слеваат во С.Македонија, како на земја кандидатка за ЕУ.

Станува збор за веста што е објавена од Еуроњуз на албански јазик на 22-ри август  во која се вадат статистички показатели од истрагите на ОЛАФ на Западен Балкан во последните пет години, при што есенцијата од веста е дека од 36 отворени истраги, 18 биле во Северна Македонија.

Сама по себе, бројката од 18 истраги за пет години е алармантна и предупредувачка, но токму тука се прави и спинот, зашто таа бројка е истргната од поширок контекст и е злоупотребена во извртување на вистината и спинување, преку кое се покажувало дека власта на СДСМ и ДУИ е расадник на криминал.

Но, она што не се наведува во соопштението на партијата се следните два елемента – првиот дека започната или отворена истрага не значи и пресуда дека е сторен криминал преку злоупотреба, а вториот е појаснувачкиот, т.е. како завршуваат истрагите на ОЛАФ и вкупните статистички показатели од оваа европска канцеларија.

Па така, јавноста е лишена од сознание дека истрагите може да завршуваат со препораки, а може и не. Препораките што ги дава ОЛАФ се четири типа – финансиски, административни, дисциплински и правосудни. Институциите кон кои ги дава препораките се различни – европските власти кои најчесто располагаат со парите што ги даваат; финансиските власти било во ЕУ било во конкретни банки и фондови, било во министерствата за финансии; потоа препораки до министерствата или други институции што директно ги распоредуваат или користат парите; и до правосудните власти кога при истрагата е констатиран основан сомнеж за злоупотреба, т.е. до јавното обвинителство во конкретна земја и другите институции што водат истраги и прогон.

Во веста од Еуроњуз се наведува дека од 18 истраги што се отвориле во С.Македонија, 7 се завршени со препораки. Тоа пак значи дека или некои од истрагите сè уште траат или, пак, дека по завршената истрага не е констатирана злоупотреба или неправилност. Тоа, всушност, го потврди и ЕУ амбасадорот во С.Македонија Дејвид Гир:

Ја потврдувам бројката, но не ги знам деталите во врска со самите истраги. Можам да потврдам дека има различни субјекти кои се дел од тие истраги. Ако истрагите на ОЛАФ резултираат со сомнеж за криминални активности, тие случаи ќе бидат проследени во Јавното обвинителство, и во тој случај очекуваме јавниот обвинител да преземе навремени активности и тие активности ние ќе ги следиме одблиску, изјави амбасадорот Гир.

Доколку се погледнат актуелните податоци од ОЛАФ од 2022 година, бидејќи извештајот за лани е објавен во јуни годинава, ќе се види дека лани во земјава биле затворени 4 истраги, од кои 3 завршиле со препораки.

И само колку за споредба и за поширока слика – во 2022 година од ОЛАФ отвориле 192 нови истраги, а 256 затвориле, од затворените истраги напишале 275 препораки до финансиските, административните или правосудните институции и дале препорака за поврат на вкупно 426,8 милиони евра во европскиот буџет, за кои несомнено е утврдено дека биле злоупотребени.

Од резимето од извештајот за 2022. Фото: скриншот /ОЛАФ/веб

Притоа, на врвот со затворени истраги за управувањето на ЕУ фондовите во 2022 е Унгарија со 15 затворени случаи од кои произлегле 10 препораки, па следи Италија со 10 затворени истраги од кои има 9 препораки, па следат Полска, Франција и Романија, додека на последно место се Украина, Уганда и Замбија….

Број на затворени случаи и препораки во 2022 за секоја земја корисник на ЕУ фондови. Фото: скриншот/ОЛАФ/веб

Поради тоа што има и препораки до правосудните власти, од ОЛАФ и од ЕУ канцеларијата се релативно дискретни, затоа што по нив би требало да следат предистраги и истраги во земјата на која се однесува препораката. ТВ 24, повикувајќи се на Јавното обвинителство, објави вчера дека врз основа на препораките на ОЛАФ се водат два судски процеса, а дека неколку препораки се во фаза на предистрага, додека од владини извори, дека досега најмногу имало злоупотреба на ИПАРД фондовите

Сите овие аргументи укажуваат на спинот на ВМРО-ДПМНЕ. Имено, тезата дека СДСМ и ДУИ се расадник на криминалот затоа што за пет години имало 18 истраги на ОЛАФ за европски фондови во С. Македонија никако не може да се докаже само со бројот на отворените истраги и токму затоа е извртување на вистината, т.е. спин.

 

Пишува: Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Завршија натпреварите „Робомак“ и „Робомак Јуниор“ 2024

Со финалниот натпревар во пет различни категории на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), вчера заврши 12-тото по ред издание на натпреварот „Робомак“ (RoboMac). На овој натпревар учествуваа 22...