Без пчели нема иднина. Тие ја поддржуваат биолошката разновидност како главни опрашувачи, задолжени за опрашување на 80 отсто од севкупниот растителен свет на планетава. Едно пчелно семејство од 50.000 пчели може да опраши четири милијарди растенија годишно.
За жал, тие не се одминати, ниту пак се имуни на климатските промени, кои преку температурните осцилации, сушите и поплавите вршат огромен притисок врз нивниот опастанок. Го нарушуваат нивното снабдување со храна, ги прават поранливи на предатори и болести и ги уништуваат нивните живеалишта. Како резултат на тоа, популацијата на пчели во целиот свет се намалува, а тоа има сериозно влијание врз опрашувањето, кое е од суштинско значење за производството на голем дел од храната што ја јадеме.
Kлиматските промени веројатно ќе станат еден од најзначајните причинители на загубата на биолошката разновидност до крајот на векот, смета Елена Фиданоска од Macedonian honey. Таа и нејзиниот сопруг Огњен се долгогодишни производители на мед и сопственици на иновативната пчелина кошничка „Elle Hive“. Елена вели дека промените во климата ги притискаат различните биолошки заедници да се прилагодат на нови услови, да ги менуваат живеалиштата, животниот циклус или да развиваат нови физички особини.
„Климатските промени предизвикуваат растенијата да цветаат порано или подоцна од вообичаеното, што може да го наруши времето на опрашување. Пчелите кои се изложени на екстремни температури, како што се топлотни или студени бранови, имаат поголема веројатност да угинат. Пчелите кои се под стрес или ослабени од климатските промени се поподложни на штетници и болести. Ослабеното пчелно семејство нема да може да бара храна толку ефикасно, што доведува до намалено производство на мед и намалено опрашување“, вели Фиданоска.
Биодиверзитетот е еден од најзначајните фактори во адаптацијата и ублажувањето на климатските промени. Почвите и шумите задржуваат огромни резерви на јаглерод, па оттука начинот на кој тие ќе се користат и ќе се управува со нив ќе влијае на тоа колку од тој јаглерод ќе се ослободи во атмосферата.
Студиите укажуваат дека просторите каде постои разновидност на биолошките заедници, поголема е веројатноста да се прилагодат на климатските промени отколку осиромашените простори. Студиите кои се занимаваат со долгорочно опстојување на животинските видови покажуваат дека таму каде што има висока генетска разновидност на растенијата, способноста на животните да останат во дадената област е значително зголемена.
„Климатските промени може да доведат до губење на живеалиштата за пчелите, бидејќи растенијата и цвеќињата на кои тие се потпираат можеби повеќе нема да можат да преживеат во нивниот сегашен опсег во променливата средина. Тоа доведува до губење на храна и места за природно гнездење на пчелите“, посочува Фиданоска.
Во Европа, околу четири од пет култивирани и дивоцветачки растенија зависат од опрашувањето што го прават илјадници видови инсекти. Придобивките на опрашувачите за економијата се особено видливи во производството на храна, бидејќи според податоците на Европската Комисија, опрашувањето придонесува за земјоделското производство на Европската Унија со околу пет милијарди евра годишно.
Анализите покажуваат дека на секој десетти вид пчели му се заканува истребување, но бројките можат да се и полоши бидејќи во Европа, за повеќе од половина од видовите пчели има недостаток на податоци врз основа на кои може да се процени нивниот статус или трендови. Како резултат на тоа, во 2018 година ЕУ ја усвои својата прва Иницијатива за опрашувачи, која ги надополни постоечките мерки, особено Директивите за птици и живеалишта, законодавството на ЕУ за пестициди, Заедничката земјоделска политика (ЗЗП), кохезионата политика и политиката за истражување и иновации.
Тропските болести кои во минатото ги напаѓале само пчелите во Југоисточна Азија, сега се присутни и кај нас. Причина за тоа се промените на температурите, количеството на врнежи и воден талог причинети од климатските промени. Ланецот на биодиверзитетот во природата е поврзан и се кине онаму каде што е најтенок, смета пчеларот Благојче Најдовски. Посочува дека климатските промени сериозно го нагризуваат здравјето на пчелите и речиси да нема климатска последица која не влијае врз овие инсекти.
„Низите од топлотни промени предизвикуваат термички стрес врз растенијата, што пак резултура со нутритивен стрес кај пчелите. Тие не добиваат доволно протеини преку поленот, а тоа се гледа преку нивната подложност на болести, угинување и помало производство на мед“, вели Најдовски.
Пчеларите се согласни дека на пчелите им е неопходна помош да опстанат и велат дека тоа може да го прави секој, без разлика дали е пчелар или не. Особено мора да се внимава на медоносната пчела на тој начин што ќе се засадуваат медоносни растенија во дворовите, на балконите, ќе се штитат пчелните живеалишта, ќе се одржува биолошката разновидност на просторот или преку намалување на употребата на пестициди и отрови во природата.
За опстанокот на пчелите, советуваат пчеларите, може да помогне и доколку земјоделците повеќе поддржат одржливи земјоделски практики, ако се сменат пчеларските системи и методи и ако се едуцира јавноста. Во спротивно, ќе дозволиме тие и понатаму да изумираат, а тоа ќе значи и нарушување на балансот во природата и помалку храна за луѓето.