Ќе се снима серија базирана на книгата Неуромансер од Вилијам Гибсон

Неуромансер насловна на книгата превземена од Википедија
Неуромансер насловна на книгата преземена од Википедија

Компанијата „Епл“ во рамки на својот огранок Apple TV+ ќе снима серија базирана на книгата Неуромансер од Вилијам Гибсон. Гибсон буквално го измисли сајберпанк жанрот во литературата и неговата реактуелизација денес несомнено ќе наиде на добра рецепција кај публиката ширум целиот свет. 

Неуромансер е приказна за хакер во мрачна иднина каде постојат повеќе типови на ликови. На пример, има улични самураи кои функционираат како телохранители, потоа шверцери на информации, јакузи кои користат ласерски влакна, јавачи со каубојски шешир и способности за екстра-шпиунажа. 

Исто така, базите на податоци на корпорациите кои владеат со светот се заштитени од таканаречни мразови, или ѕидови од мраз во виртуелната реалност каде главниот лик се приклучува преку конзоли специјализирани за ВР и ги пробива и несакајки налетува на самосвесна вештачка интелегенција. Сите овие концепти ѝ се достапни на јавноста уште од осумдесетите години на минатиот век, а досега се преточени во многу филмски изданија од кои попознати се Џони Мнемоник со Кијану Ривс, Чудни денови со Ралф Фајнс, Дух во обвивка, познатиот аниме цртан филм од кој црпи инспирација и Матрикс и мноштвото други филмови на овие теми.

Најново Сајберпанк аниме издание што е доста успешно и гледано е Cyberpunk 2077 Egderunners за кое имаме и посебен напис. Мора да се напомене дека Сајберпанкот е базиран на фантазии за можна иднина и спаѓа во сферата на научната фантастика.

Се очекува серијата да биде одлична и да ја запознае и пошироката јавност и кај нас со другите дела на Вилијам Гибсон од „Справл“ трилогијата што се состои од Неуромансер (1984 г.), Гроф Нула (1986 г.) и Натпогонот на Мона Лиза (1988 г.).

Сè уште нема официјален датум кога би била достапна серијата за пошироката јавност.