fbpx

Кери: Пучот во Турција може да го загрози членството на земјата во НАТО

-

Турција би можела да „падне“ на барањето на НАТО да се почитува демократија ако не успее да го одржи владеењето на правото по обидот за државен удар, предупреди државниот секретар на САД, Џон Кери.

Кери на заедничка прес-конференција со високата претставничка за надворешна политика и за безбедност на ЕУ, Федерика Могерини, рече дека НАТО ќе ја набљудува Турција во наредните денови за да се осигури дека таа ќе ги исполни барањата на алијансата, земјите членки да се придржуваат кон демократското владеење.

– НАТО има обврска кон демократските вредности. Алијансата ќе ги „мери“ постапките на Турција. Многу луѓе беа уапсени и тоа уапсени многу бргу. Нивото на будност и контрола очигледно ќе биде значајно во деновите што следуваат. Се надеваме дека можеме да работиме на конструктивен начин кој ќе спречи назадување – рече Кери.

Тој додаде дека турскиот министер за внатрешни работи, Мевлут Чавушоглу, постојано го уверувал дека турската влада ќе ја почитува демократијата и владеењето на правото.

Одговорот на турската влада на пропаднатиот пуч ги алармираше и САД и Европската Унија откако Ердоган ги опиша заговорниците на пучот како „рак кој мора да се исчисти“ од сите државни институции.

Портпаролот на Стејт департменот изјави дека е уште рано да се каже дали чистката што ја спроведува владата на Реџеп Таип Ердоган може да го загрози турското членство во НАТО.

Околу 8.000 полициски службеници беа суспендирани низ цела Турција по пропаднатиот државен удар, а повеќе од 6.000 лица во војската, судството и во други државни тела беа уапсени како одговор на турскиот претседател на случувањата во петокот.

Ердоган изјави дека луѓето кои се обидоа да направат пуч „мора да платат“ и дека владата ќе го земе предвид враќањето на смртната казна за луѓето за кои се верува дека направиле предавство против државата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...