Собраниската комисија за прашања на изборите и на именувањата денеска во 11 часот треба да одржи седница.
Според дневниот ред, предвидено е да се избере претседател и потпретседател на анкетната комисија што треба да се занимава со расчитување на скандалот со фабриката за фалсификување лични карти, пасоши, афери и други документи.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Горан Сугаревски, утринава ни потврди дека СДСМ останува на ставот да не учествува во работата на оваа комисија и да не предложи свои членови.
– Во Собранието веќе има една анкетна комисија, која, меѓу другото, треба да се занимава и со расчистувањето на овој скандал, затоа што дел од овие работи за гласачи од Пустец и за незаконски издавани лични карти ги имаше и во „бомбите“. Ние нема да учествуваме во работата на оваа комисија ниту, пак, ќе предложиме членови од нашата пратеничка група – телефонски ни изјави Сугаревски.
Комисијата за прашања на изборите и на именувањата седница одржа и во петокот, но претседавачот на комисијата, Трајче Димков, го одложи изборот на членови за да им остави простор на партиите да преложат свои членови.