fbpx

Камбовски: Се соочуваме со целосно изедначување на државата со партијата

-

Во Научниот центар – „Куќа на Уранија“ во Охрид, во рамките на програмата од годинешната „Научната и уметничка визита“, во организација на МАНУ, синоќа се одржа научна трибина на тема: „Македонија – Како понатаму?“ Воведничари беа претседателот на МАНУ, академик Владо Камбовски и академик Блаже Ристовски.

Будно следејќи ги актуелните состојби во земјата и овој август, двајцата академици се обидоа да ги дијагностицираат актуелните состојби и да предложат решенија за иднината на Македонија. Говорејќи за актуелната политичка криза, и двајцата се едногласни дека е можно да се продлабочи, доколку не се интервенира благовремено и ефектно.

– Договорот од Пржино потпишан на 2 јуни годинава сепак е еден исчекор кон решавање на кризата и охрабрувачки фактор, но потребно е и негова имплементација до крај од засегнатите страни. Доколку не се почитува, може да се очекуваат социјални турбуленции, граѓанска непослушност, револт, бунтовност и решавање на проблемите на улица, што секако не е она што си го посакуваме како нација – рече Камбовски.

И двајцата се заложија за максимално сериозен пристап и ангажирање на Академијата, научни анализи, интерпретации, модели, трибини, дебати, прогнози и здружени напори од сите инстанци за минимизирање на последиците. Камбовски најави подготовка на Документ кој ќе содржи визија за Македонија во следните декади, по повод 50 годишнината од основањето на Македонската академија на науките и уметностите, а ќе биде сумарник од серијата научни трибини и дебати во организација на МАНУ и други научни и високобразовни институции од земјава и странство.

– Помина времето на козметички поправки. Неопходно е целосно демонтирање на системот за да стапи во сила владеењето на правото. Ние денес се соочуваме со целосно изедначување на државата со партијата, идеолошки функции на државата, системска корупција, империјален карактер на партиите, флагрантно кршење на законите кои се добри на хартија, но ако не ги применуваме, исто како да не постојат. Оваа криза има најсериозни димензии од осамостојувањето до степен да го загрози постоењето на државата- смета Камбовски.

Академик Камбовки како приоритетни чекори ги наведе департизацијата, владеењето на правото, реформа на политичкиот систем, пред се на изборниот систем што е веќе на дневен ред на политичките партии.

– Неопходна е независност на судскиот, правниот, економскиот и медиумскиот систем, проширување на ингеренциите на Претседателот, редефинирање на улогата на Судскиот совет, проширување и почитување на надлежностите на Уставниот совет, формирање фискален совет кој ќе одредува колку смее да се задолжува државата и кој ќе биде составен од финансиски експерти одговорни за креирање на буџетот и транспарентно трошење – додава Камбовски.

Академик Блаже Ристовски во воведното излагање повеќе внимание посвети на меѓународните односи на Македонија, опкружувањето и нејзините стратешки партнери. Според него соседите и натаму се обидуваат да го негираат нашиот национален идентитет, јазик, Црква, нација.

– Сепак фактите говорат дека прв писмен словенски јазик е токму македонскиот и колку и да се шират пропагандни учења, заговори и теории, историјата зборува најгласно. Мисирков и Конески придонесоа многу во проучувањето на историјатот на македонскиот јазик и треба и ние да го следиме нивниот пример, особено затоа што се уште сме соочени со непризнавање на одреден клучен сегмент за нашето постоење и сведоци сме на деградација на националното ткиво, како и вето за нашите евроатлантски интеграции и влез во ЕУ – вели Ристовски.

Во дебатата се вклучија повеќемина од присутните академици, професори и други научни работници, кои се заложија академиците да ги изнесуваат почесто своите ставови по сите прашања и да имаат проактивна улога во медиумите, како релеватна научна институција и важен чинител во општествените промени.

Професорот Јове Кекеновски, исто така, се произнесе во прилог на почести вакви дебати што ќе придонесе за освестување и поголем ангажман на македонските граѓани за менување на менталитетот на послушност и безпоговорност кој беше создаван цели 25 години транзиција.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата насилно го задуши про-палестинскиот протест на Универзитетот Калифорнија

Стотици полицајци влегоа на кампусот на Универзитетот Калифорнија (УКЛА) денес во обид да го расчистат про-палестинскиот протестен камп, кој вчера беше нападнат од израелски поддржувачи, пишува Гардијан. Се проценува дека...