Јавен систем за самоизнајмување велосипеди во Скопје и догодина нема да се имплементира

-

Жителите и посетителите на Скопје и догодина нема да можат да користат јавен систем за самоизнајмување велосипеди. Скопје е еден од ретките европски главни градови во кои нема ваков систем што треба да ја надополни понудата за патување со јавен превоз, кој би им овозможил на граѓаните евтино и едноставно да изнајмат велосипед на една локација и да го остават истиот на друг пункт во близина на нивната крајна дестинација на патување.

Претходниот систем за изнајмување велосипеди, со кој управуваше ЈП „Градски паркинг“ – Скопје, е нефункционален веќе трета година по ред. Од Градот Скопје за „Мета.мк“ велат дека нема да брзаат со имплементација на новиот систем, кој предвидува поставување на 30 пункта за изнајмување велосипеди низ Скопје, на кои граѓаните би можеле да изнајмат велосипед со СМС порака или кредитна картичка.

Причината за ова, појаснуваат градските власти, е да се пронајде оптимално решение за реализација, со кое нема да се повторат грешките на ЈП „Градски паркинг“ од пред 10 години, кога поради несоодветната набавка и понуда дојде до пропаѓање на проектот.

„Проценката во моментов е дека комплетен концесиски договор ќе има финансиски импликации, но и импликации во сообраќајното уредување на градот“, велат од Град Скопје, образложувајќи зошто нема напредок во реализацијата на овој проект.

Од граѓанската иницијатива „На Точак“ сметаат дека е рано да се имплементира јавен систем за изнајмување велосипеди во Скопје, бидејќи треба најпрво да се обезбеди базична инфраструктура, вклучувајќи: патеки во сите делови на градот, ниски рабници кои ќе овозможат пристапност до патеките, поголема пристапност за велосипеди на кејот, решавање на проблемот со паркирањето автомобили по тротоарите, а центарот на Скопје да прерасне во зона каде предност ќе имаат пешаците, велосипедистите и јавниот превоз над автомобилите.

„Доколку 2021 биде ударна година за велосипедскиот сообраќај и патеки во слична пропорција како што беше 2020-та за автомобилскиот, веруваме дека во 2022 веќе ќе има базични услови за имплементација на ваков систем“, велат за „Мета.мк“ од „На Точак“ во однос на воведувањето на јавен систем за изнајмување велосипеди.

Инаку, „Мета.мк“ веќе подолг период пишува дека многу помали населени места во странство од Скопје, кои не се ниту главни градови, веќе имаат имплементирано вакви проекти. Паралелно со воведувањето рестрикции за движењето автомобили во централните градски подрачја, градските управи им овозможуваат на граѓаните од овие места да ги користат јавните велосипеди како превозно средство, со кое всушност ја надополнуваат понудата на услуги на јавниот превоз во овие градови.

Лесна заработка, тешки последици – како функционира онлајн пирамидалната шема „Конти“?

„Забавна платформа што ја интегрира филмската продукција, социјалната интеракција и фантастичното искуство. Концептот е 'гледај за да заработиш', со тоа што членовите заработуваат преку гледање промоции на филмови, трејлери...