Фондацијата Метаморфозис и Меѓународниот центар за новинари трета година по ред ја продолжуваат програмата „Новинарство за новата генерација“ со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје. И оваа година десетици млади од земјата имаат можност да учествуваат на обуки, да бидат дел од платено практикантство, а најдобрите ќе заминат на еднонеделна студиска посета на САД.
Годинава ќе се одржат три работилници, првата во ноември на тема Новинарство базирано на податоци, втората во февруари на тема Проверка на факти и третата во април на тема При-банкинг.
Најдобрите учесници во трите работилници ќе бидат поканети на едномесечно платено практикантство во еден од трите медиуми на Фондацијата Метаморфозис – Новинската агенција Мета, Порталб и Вистиномер. Најдобрите практиканти, пак, ќе имаат можност да го посетат главниот град на САД, Вашингтон каде ќе престојуваат една седмица во текот на летото.
Првата работилница на тема Новинарство базирано на податоци (Data Journalism) ќе се одржи од 13 до 15 ноември во Скопје и сите заинтересирани за учество кои се на возраст од 18 до 29 години можат да аплицираат на овој линк.
Обучувачи ќе бидат еминентниот новинар на „Њујорк тајмс“, Роберт Гебелоф, кој воедно предава дата новинарство на Факултетот за новинарство при Универзитетот Колумбија во Њујорк. Покрај Гебелоф, обучувач ќе биде и главниот уредник на Новинската агенција Мета, Горан Ризаов.
Учесниците на првата работилница ќе научат за целокупниот процес на работа со податоци, од пронаоѓање, симнување, чистење, анализа и визуелен приказ. Ќе научат како да користат напредни алатки за овие намени кои се бесплатни за користење. Меѓу другото, на работилницата ќе бидат прикажани основите на софтверот за визуелизации на податоци – R.
Бројот на учесници е ограничен, а сите заинтересирани за учество на оваа работилница можат да аплицираат на следниот линк. Работилницата ќе трае три дена и ќе се одржува целосно на англиски јазик.
Воедно, апликациите за останатите две работилници, таа за проверка на факти и за при-банкинг, се исто така отворени. Точните датуми и локации ќе бидат дополнително определени.
- Работилница за Data Journalism (ноември 13-15, 2024 г.) – аплицирај тука;
- Работилница за Fact Checking (февруари 2025 г.) – аплицирај тука;
- Работилница за Pre-bunking (април 2025 г.) – аплицирај тука.