fbpx

Измените во ЗРО за прогласување на неделата за неработен ден одложени за следната година

-

Создавањето на предвидливо бизнис опкружување е една од најважните теми за секој стопанственик, па затоа, пред донесување на било какво законско или под законско решение, Владата ќе продолжи отворена дискусија и консултации со бизнис секторот, за да се унапреди деловното опкружување и да се обезбеди предвидливост и одржливост на економските текови.

Ова го истакна вицепремиерот Фатмир Битиќи, на денешната редовна седница на Комисијата за јавно-приватен дијалог, на која претставниците на Владата дискутираа со членови на четирите најголеми стопански комори во земјата и МАСИТ, членки на Платформата за јавно-приватен дијалог. Претставниците на бизнис секторот беа запознаени со предлог-измените на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, на Законот за работни односи, како и одредени предлози за законски измени поврзани со минималниот праг за основица за плаќање на придонеси и данок на имот. Во врска со измените во Законот за финансиска поддршка за инвестициите, Вицепремиерот Битиќи посочи дека со дел од нив ќе им се помогне на компаниите во пребродување на тешката 2020 година.

„Тоа се однесува и на компаниите кои веќе земале помош со мерките, за да не бидат елиминирани поради пад на приходи. Затоа воведуваме измени во условите за аплицирање. Дополнително, ќе се променат и начинот и условите на исплата, односно ќе се прават исплати тековно, што ќе биде дополнителна помош и зголемување на ликвидноста кај компаниите. А, една од најважните измени е усогласувањето на поддршката со рамномерен регионален развој“, рече Битиќи.

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, информираше за активностите околу подготовката на измените на Законот за работни односи (ЗРО), за измените кои се однесуваат за „недела, неработен ден“, како и за усогласувањето на минималната плата. Таа посочи дека примената на овие законски измени ќе биде  одложена од 1 јануари 2022 година, и истото ќе важи и за измените во Законот за данок на имот.

Според заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски, предлог Законот за данок на имот веќе е во собраниска процедура, а стапките на данок на имот остануваат во рамките во кои беа и досега, освен за лицата кои поседуваат повеќе единици на имот и кои не се користат или не се во економска функција.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.