Фотографиите на професор д-р Сашко Кедев и на познат руски педијатар се злоупотребени во измамничка реклама за наводен лек за хипертензија и ризик од кардиоваскуларни заболувања. Лекот не е лек затоа што го нема во регистерот на лекови во С. Македонија, ниту пак може да се купи во аптеките низ земјава, туку само онлајн за цена од 1990 денари, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Рецензираме пост на социјалната мрежа Фејсбук, реклама за препарат претставен како чудотворен лек за хипертензија и срцеви заболувања. Во истата е злоупотребена фотографија на познатиот македонски специјалист кардиолог Д-р Сашко Кедев и на познат руски педијатар. И двајцата, едниот на насловната објава во рекламата, другиот внатре во текстот, се претставени како раководител на одделението за васкуларна хирургија при Универзитетската клиника во Скопје, професорот д-р Миодраг Димовски.
Ова е уште една измама.
Во објавата стои:
Кардиолог: „Хипертензијата поминува и никогаш не се враќа. ЕДИНСТВЕН СПАС ОД ХИПЕРТЕНЗИЈАТА“
Со овој наслов се споделува фотографија на професор д-р Сашко Кедев. Неговата фотографија е злоупотребена и „фотошопирана“ со таблетите кои се рекламираат.
Кога ќе се отвори линкот , таму веќе го нема Кедев, туку се објавува измислено интервју со наводен професор д-р Миодраг Димовски претставен како раководител на васкуларна хирургија при Универзитетската клиника Скопје.
Но, ваков доктор во земјава не постои. Прв индикатор дека доктор со такво име не постои, уште помалку професор, е тоа што пребарувачот Гугл не го пронаоѓа ова име и не дава ниеден резултат за него. А уште поважно, го нема ниту во Шифрарникот на лекари на Фондот за здравство.
Кога ќе се пребара фотографијата на Гугл имиџис ќе се види дека се работи за рускиот лекар-педијатар д-р Владимир Кирилович Таточенко.
Владимир Кирилович Таточенко е познат руски научник, член на Сојузот на педијатри на Русија, доктор на медицински науки, почесен научник на Руската Федерација и експерт на СЗО.
Таточенко не е кардиохируг, ниту ги препорачува таблетите кои се нудат во рекламата, тој е педијатар- пулмолог за деца.
За да се доведат читателите во заблуда, на препаратот што се рекламира, му се препишуваат чудотворни својства, дека лекува многу болести и го продолжува животот.
Cardione го подобрува функционирањето на крвните садови, го нормализира крвотокот и ја разредува крвта, вклучувајќи ги шеќерашите, пушачите како и луѓето кои се изложени на ризик од кардиоваскуларни заболувања. Освен тоа Cardione е одлично средство за превенција на кардиоваскуларните заболувања, срцевиот и мозочниот удар, тромбозата и атеросклерозата, стои во текстот.
За сите овие наведени својства нема научни докази.
Во текстот се манипулира и лаже дека препаратот ги поминал испитувањата во Јапонија и Израел, како и кај нас во Македонија во Институтот за кардиологија каде била потврдена неговата ефикасност. Проблемот е само што таква институција – „Институт за кардиологија“ не постои.
Овој препарат го нема на листата на лекови во земјава, ниту е регистриран, ниту одобрен а уште помалку се потврдени било какви позитивни својства или ефикасност.
Таблетите кои се продаваат во манипулативната реклама се викаат Cardione и чинат 1990 денари, со наводен попуст од 50%.
Во ниту еден дел од текстот, во ниту една реклама не пишува производител на таблетите, кои, бидејќи не се лек, може да бидат само некаков додаток во исхраната, а уште позагрижувачки е што никаде не пишува состав.
Овие таблети ги нема во аптеките во земјава, се нудат само онлајн.
Во друга објава од истата реклама и истото манипулативно измислено интервју со непостоечки кардиохирург насловот е „Главен кардиолог: Престанете да го намалувате крвниот притисок со хемикалии“.
Порака, која ги доведува читателите до заблуда. Оние кои примаат редовна терапија за висок крвен притисок, може да бидат доведени во заблуда, да посегнат по препарат кој не е потврден, ниту одобрен лек и да имаат здравствени последици.
Поради горенаведените факти овој пост го оценуваме како измама.