Изложба и публикација за дигитално родово базирано насилство задутре во МКЦ

Ќе биде промовирана и публикацијата „Надвор од екранот: Разоткривање на дигиталното родово насилство низ критички осврт“, која се состои од 10 есеи и една поема – сите напишани за различни аспекти на дигиталното родово базирано насилство

Фото: Мрежа Стела

Здружението за еднакви можности „Мрежа Стела“ организира завршен настан „Дигитално омоќување и родова еднаквост: Изложба и промоција на публикација за дигитално родово базирано насилство“, што ќе се одржи на 6 март со почеток од 19 часот во горното фоаје во Младинскиот културен центар (МКЦ).

„Дел од настанот ќе биде и изложбата на дизајните на графичката дизајнерка Теано Кардула, кои беа дел од нашиот креативен израз за време на кампањата 16 дена активизам против родово-базирано насилство (РБН). Во рамки на настанот ќе биде промовирана и публикацијата „Надвор од екранот: Разоткривање на дигиталното родово насилство низ критички осврт“, која се состои од 10 есеи и една поема – сите напишани за различни аспекти на дигиталното РБН“, соопштуваат во „Стела“.

Настанот, како што додаваат оттаму, ќе биде отворен со читање на моќната поема „The Female Rage“, од Фатос Груби, напишана за публикацијата.