fbpx

Избори 2024: ВМРО-ДПМНЕ ќе ги соопшти имињата на министрите, Џафери ќе ги објави оставките

Претседателот на Собранието Талат Џафери, денеска ќе одржи ад хок координација, на која, како што информираа од Собранието, ќе се утврдат точните датуми на седниците за оставките и за изборот на техничката влада

-

На седница на Извршниот комитет вечерва, се очекува ВМРО-ДПМНЕ да ги соопшти имињата на министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика и на дополнителните заменици министри за финансии, за информатичко општество и администрација и за земјоделство, шумарство и водостопанство, кои ќе бидат дел од техничката влада.

Пратеничката и заменик координаторка на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, синоќа во емисијата „24 Отворено“ на ТВ 24 изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи имиња за техничка влада, но нема да гласа за премиер. Слична ситуација, рече таа, се случило и во 2016 година кога СДСМ не ги гласаше предлог-имињата за во техничката влада.

„Дел од минатиот парламентарен состав од коишто денес се сегашни и актуелни пратеници, во 2016 година не гласале воопшто. Празен е делот од салата каде што тогаш опозициските пратеници на СДС седеле и не гласале за нивните предлози, тогаш Оливер Спасовски и чинам Фросина Ременски. Ако се држиме до законот или до принципите и ставовите, ВМРО-ДПМНЕ нема да ретерира од ова што го кажа. Исто така, ние предложивме и воопшто да нема техничка влада, односно, ќе требаше да се случат измени на Изборниот законик, тоа не се случи и токму заради тоа, почитувајќи го законот, ќе предложиме наши имиња, но никаде во закон не стои обврска дека пратеници од опозицијата се задолжени да гласаат ЗА техничка влада“, рече Стојаноска.

Премиерот Димитар Ковачевски, во обид да го оправда потегот на СДСМ во 2016 година, рече дека тогаш немало демократија во државата и дека токму Собранието било злоупотребувано од страна на власта.

„Вие се сеќавате, при носење на буџет, пратениците на СДСМ беа исфрлани од Собранието и владееја други услови. Таа пржинска влада беше воведена токму заради тоа што не постоеше демократија во државата. Инаку, денес ние имаме апсолутно владеење на демократијата, самите вие медиуми можете да потврдите за слобода со која можете да известувате, што не беше случај до 2016 година кога сите вести беа нарачани, некогаш беа и распродадени, па не можеше ни спортски вести да се видат кога игра репрезентација. И затоа сметам дека сега треба сите политички партии, согласно закон, да ја поддржат оваа влада, особено што се работи за мандатар којшто бил министер во времето на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Ковачевски.

И Претседателот Стево Пендаровски вчера во интервју за Алсат – М изјави дека политички преседан и некоректно е да учествуваш во Влада, а да не ја гласаш.

„Или се согласувате, или не се согласувате на техничка Влада. Можете да кажете не сакаме да даваме воопшто луѓе, но не може да го спориш предлогот кој според Законот за оваа Влада го дава парламентарното мнозинство. Ако тие предложат да биде Талат Џафери, твое е само да кажеш учествувам, или не. Не може да го спориш како поединец, или како личност“, изјави претседателот Пендаровски, додавајќи дека се надева оти ни власта ни опозицијата нема да ја комплицираат работата овие неколку дена до изборот на новата т.н. пржинска Влада.

Утре оставки на Ковачевски и Џафери, до недела на полноќ преодна влада

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска ќе одржи ад хок координација, на која, како што информираа од Собранието, ќе се утврдат точните датуми на седниците за оставките и за изборот на техничката влада.

Активностите што следуваат до крајот на неделава вклучуваат констатирање на оставката на претседателот на Влада (Димитар Ковачевски) и претседателот на Собрание (Талат Џафери), избор на нов претседател на Собрание (Јован Митрески), информирање на претседателот на државата за доделување на мандат на нов претседател на Влада (Талат Џафери), избор на Влада, министри, заменици министри и дополнителни заменици министри, како и констатирање на престанок на мандат на пратеник и верификација на мандат на нов пратеник во Изборна единица 5.

Како што најави премиерот Димитар Ковачевски, оставка ќе поднесе утре, со што во оставка ќе биде целата влада. Се очекува на средбата со новинарите Џафери да соопшти кога тој ќе поднесе оставка. На новата собраниска седница закажана за в петок се очекува да бидат констатирани оставките на Ковачевски и на Џафери и тогаш да биде извршен изборот на новиот претседател на Собранието – Јован Митрески од СДСМ.

До недела на полноќ (28 јануари), земјава треба да добие трета преодна влада која ќе ја предводи Џафери. Техничка Влада се бира сто дена пред парламентарните избори на 8 мај, а две недели претходно, на 24 април, ќе се одржат претседателските избори.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...