fbpx

Итно да се прекине постапката за избор на нови членови во Судскиот совет, бара Блупринт групата

Како крајно средство ги повикуваат судиите кои треба да гласаат на изборите за членови на Судскиот совет, од судовите во Апелациското подрачје Скопје и Врховниот суд да го бојкотираат процесот за избор на членови, поради нелегитимноста на Судскиот совет

-

Блупринт групата за реформи во правосудство бара итно да се прекине со постапката за избор на нови членови во Судскиот совет.

Во спротивно, како што велат од Блупринт групата, како крајно средство, ги повикуваат судиите кои треба да гласаат на изборите за членови на Судскиот совет, од судовите во Апелациското подрачје Скопје и Врховниот суд да го бојкотираат процесот за избор на членови, поради нелегитимноста на Судскиот совет на РСМ.

„И покрај реакциите од домашните и меѓународните организации и експерти за несоодветното постапување на Судскиот совет во изминатиов период, сепак нивното работење укажува дека се продлабочува јазот и недовербата која постои помеѓу нив и македонската јавност.Последен пример е постапката за избор на нови членови во ССРСМ од редот на судиите каде како кандидати се утврдени судии за кои се водеше и се води постапка за утврдување на нестручно и несовесно работење“, стои во соопштението на Блупринт групата.

Инаку, судијата Наќе Георгиев од Врховниот суд е единствен кандидат од редовите на врховните судии за член на Судскиот совет. Завчера, токму за него Судскиот совет ја прекина постапката за нестручно работење од времето кога бил претседател на Апелациониот суд во Штип. На затворена седница, членовите на Советот одлучиле дека постапката за негово разрешување, за која 6 месеци не било одлучувано, била неоснована.

„На вака јасно уредена законска постапка останува нејасно кои се причините поради кои Судскиот совет подолго време нема донесено каква било одлука за поднесено барање против судија или претседател на суд во врска со вршење на нивната функција, со што основано се фрла дополнителен сомнеж на интегритетот на постоечкиот состав на ова тело. Постапката за утврдување одговорност заврши еден ден пред ССРСМ да ја утврди кандидатската листа за членови на ССРСМ. Би сакале да потенцираме дека одлуката за запирање на постапката за одговорност сѐ уште не е објавена, ниту е правосилна за да може јавноста да се запознае со причините за запирање на истата. Ваквото однесување на ССРСМ фрла сомнеж vis-à-vis кандидатот за член на ССРСМ“, велат од Блупринт групата.

Оттаму инсистираат на целосно нов состав и нови кандидати за членови на Судски совет и предлагаат да се прекине со постапката за избор на нови членови во ССРСМ и да се почека Оценската мисија за оценување на работата на Судскиот совет во изминатиот период, да даде свое видување за постоечката состојба во работењето на ССРСМ, а потоа да се продолжи постапката за комплетирање на Судскиот совет.

„Посебно сакаме да ја нагласиме изјавата на Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ во РСМ, но и реакциите на останатите амбасадори во нашата земја кои будно ја следат работата на Судскиот совет и неговото постапување во последниов период. Тие ја нагласуваат потребата да се преиспита работењето на ова тело во насока на обезбедување на независно, непристрасно работење на судството и подигање на интегритетот на судиите“, велат од Блупринт групата, во која членуваат Македонско здружение на млади правници (МЗМП), Институтот за европска политика (ЕПИ), Институт за човекови права (ИЧП), Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС), Хелсиншки комитет за човекови права и Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА).

Инаку, за двете испразнети места во Судскиот совет, откако двајца членови поднесоа оставки по низата скандали во институцијата, освен Георгиев од редовите на Врховниот суд, се пријави и Лазар Нанев, судија од Основниот суд Кавадарци. Неговата кандидатура беше одбиена, па потоа прифатена, иако му недостасувала оригинал потврда од Академијата за судии и јавни обвинители, која ја доставил заедно со приговорот електронски, бидејќи со задоцнување ја добил од Академијата, а нецелосни биле и податоците за неговото оценување и имало генерално наведено колкав стаж има, а немало прецизирано колку како судија. Кандидатура за нов член на Судскиот совет поднесе и Антонета Димовска, судија од Граѓанскиот суд Скопје.

Судскиот совет формираше комисија која треба да го спроведе изборот на 13 јули.

Тројца пријавени за две испразнети места во Судскиот совет, ќе се гласа на 13 јули

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...