За поквалитетно образование требаат повеќе финансии и реорганизација на мрежата на училишта

Од УНИЦЕФ објаснуваат дека во тек е спроведување на иницијативата за оптимизација на мрежата на основни училишта која опфаќа и ревидирање на формулата за финансирање на основното образование

Фото: Мета.мк

Со зголемување на ресурсите и реорганизација на мрежата на основни училишта може да се подобри квалитетот на образованието. Ова беше главниот заклучок на денешниот меѓународен форум, на кој учествуваа креатори на политики, експерти и практичари кои дискутираа за извлечените поуки и клучните фактори на успех од реорганизацијата на училишната мрежа во европските земји, информираат од УНИЦЕФ.

Денешниот форум го организираа Министерството за образование и наука, УНИЦЕФ и Светска Банка за да се добијат информации што ќе помогнат во спроведувањето на тековната работа поврзана со оптимизацијата на училишната мрежа во Северна Македонија.

Од УНИЦЕФ објаснуваат дека во тек е спроведување на иницијативата за оптимизација на мрежата на основни училишта која опфаќа и ревидирање на формулата за финансирање на основното образование во Северна Македонија. Во моментот десет пилот општини добиваат поддршка за спроведување на локални планови за оптимизација во блиска консултација со учениците, родителите и наставниците во училиштата.

„Оптимизацијата на училишната мрежа во соработка со општините е една од приоритетните активности на Министерството за образование и наука“, рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

„Општините не треба да бидат загрижени од оптимизацијата, затоа што заедно ќе работиме со нив за успешно да го спроведеме овој процес. Во случаите каде што немаме доволен број ученици заради намалениот наталитет или миграцијата, ќе се консултираме со локалната заедница за да се идентификуваат потреби за пренамена на неискористениот училиштен простор за задоволување на потребите на граѓаните од други социјални услуги“, додаде тој.

Претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани рече дека зголемувањето на јавното финансирање и инвестирањето во образованието е предуслов за подобрување на квалитетот и инклузивноста на образованието за сите деца.

„Треба да добиеме повеќе од инвестициите направени во образованието и за да го постигнеме тоа, треба да истраеме во реформите на наставната програма што обезбедуваат децата да ги стекнат знаењата, вештините и способностите потребни за напредување во модерното општество“, нагласи ДиЏовани.

Бојана Нацева, виш специјалист за образование од Светската Банка вели дека во моментов се работи на финализирање на формулите за финансирање за основно и средно образование и на методологии за оптимизирање на училишната мрежа во основното образование.

„Главни придобивки што може да ги очекуваме како резултат: со новите формули финансиите ќе го следат ученикот и неговите потреби, на начин на кој најранливите ученици ќе бидат приоритет; ќе ги стимулираат и наградуваат училиштата кои работат добро и одговорно врз база на јасни критериуми и ќе ја подобрат ефикасноста со што ќе се ослободи повеќе простор за инвестиции во средината за учење и поддршка за наставниците“, вели Нацева.

Земјата се соочува со образовна криза, при што постигнувањата на учениците се под просекот на Западен Балкан, ЕУ и ОЕЦД, велат од УНИЦЕФ. Огромните демографски промени, вклучително и намалувањето на наталитетот, зголемената миграција и урбанизација без поголеми прилагодувања на мрежата на основните училишта, резултираа со недоволна искористеност на училишниот простор и кадар во некои средини. Наспроти тоа, други училишта имаат премногу ученици и недостиг на кадар, па затоа мора да организираат часови во две смени – што може да влијае на резултатите од учењето.