фото: Majid Korang beheshti на Unsplash

Иранската морална полиција, која е задолжена да го спроведува исламскиот кодекс на облекување во земјата, е распуштена, соопшти иранскиот главен јавен обвинител Мохамед Џафар Монтазери, а пренесоа повеќе новински агенции.

Според „Блумберг“, операциите на моралната полиција се ефикасно суспендирани по неколкумесечни масовни антивладини протести.

Би-би-си пишува дека денешната изјава на обвинителот Монтазери допрва треба да биде потврдена од другите државни органи.

„Моралната полиција немаше никаква врска со судството и беше затворена таму каде што беше и поставена“, изјавил Монтазери.

Според Радио Слободна Европа, Монтазери вчера во парламентот рекол дека ќе се разледува и законот кој бара жените да носат хиџаб на јавни места, најавувајќи повеќе информации за една до две недели.

Официјално наречена „Патрола за насоки“, полициската единица со години ги следи главните раскрсници и сообраќајници во иранските градови, апсејќи претежно млади жени за непочитување на строгите религиозни кодекси на облекување на Исламската република.

Масовните протести во Иран започнаа по смртта на притворената 22-годишна девојка Махса Амини, која била приведена од моралната полиција поради наводно прекршување на правилата за покривање на главата.

Иранската влада соопшти дека повеќе од 200 луѓе биле убиени во протестите предизвикани од смртта на Амини во септември, додека Обединетите нации (ОН) и иранските групи за човекови права тврдат дека бројот на убиени изнесува над 300 лица.