Долги редици, чекање со часови, многу документи за пополнување. И оваа академска година ваква беше сликата пред студентските домови, каде што имаше студенти кои чекаа ред за да добијат соба во студентски дом. Лани во мај, Државниот студентски дом – Скопје (ДСД) најави дека процесот на вселување ќе се дигитализира, за да не мораат студентите да доаѓаат за само еден ден во Скопје за да се вселат и да пополнуваат обемна документација при вселување.
За тоа, зошто ова ветување годинава не профункционира, како и за тоа, што ќе им понуди на студентите новата апликација, во ова интервју за Мета.мк зборуваме со Виктор Велевски, директорот на ДСД – Скопје.
Процесот за аплицирање и прием на студенти во државните студентски домови, оди преку членови на комисија при Министерството за образование и наука (МОН). Зошто системот за вселување треба да е во рацете на ДСД, а не целиот процес да оди преку МОН?
Велевски: Тоа е подобро од практични причини. Доколку ние како ДСД имаме комисија која би одлучувала за прием на студенти во домови, тој процес би одел многу побрзо. Оти вака, ние чекаме резултати од МОН, па настануваат многу проблеми. Ни се случува две близначки да се сместени во различни студентски домови, а кои никогаш претходно не биле делени како деца. Ние не одлучуваме кој ќе биде сместен во дом или не, туку сместуваме по однапред подготвен список од МОН. Ако не е можно да се даде системот на ДСД, би требало да имаме претставници во таа комисија на МОН, за да ги избегнеме проблемите кои произлегуваат при вселувањето.
И годинава повторно имаше редици студенти пред домовите, кои чекаа да земат документи, да ги пополнат, па врз основа на тоа да им биде доделена соба во студентски дом. Зошто не започна процесот на дигитализација на вселување на студентите?
Велевски: Ние како ДСД или другите студентски домови во државата, не можеме да влеземе во системот на МОН, немаме простап до тој систем. Информатичарите не може да ги менаџираат податоците кои МОН ги дава на ДСД и затоа тука има проблем со внесување на тие податоци. Од моментот на објава на резултати, веднаш почнуваме со вселување, така што немаме простор списоците кои се вадат во ексел онлајн или на сајтот на МОН, да ги внесеме во тој електронски систем, за да секој може од дома да се најави на веб-страницата и да се всели. Тоа е проблем кој го разгледуваме со МОН и бараме начин како да се реши, за да може да се дигитализира тој процес и да се избегнат тие редици. Сега, студентите доаѓаат во Скопје за само да се вселат и потоа веднаш се враќаат дома оти сега предавања нема. Ако се најде решение да се дигитализира процесот, вселувањето ќе се врши за еден ден, од дома, без да мораат студентите да се изложуваат на трошоци за транспорт.
Веќе извесно време се работи на студентска апликација, која ја работи фирмата „Виста“. Што ќе им понуди таа на студентите?
Велевски: Ние работевме на многу проекти, прво беше студентската картичка, која е дигитализирана целосно, но никој не претпоставуваше дека струјата ќе се покачи за 200 отсто и дека парите кои ни беа насочени за машини за рециклирање, ќе ги потрошиме за сервисирање на основни работи за сите студенти. Сепак, наоѓаме начини тој проект пак да започне, а апликацијата е дел од цел тој проект. Апликацијата ќе овозможи секој студент да има свој дигитален профил. Преку тој профил ќе може да види дали има платено станарина, дали парите се раскнижени, дали должи нешто кон ДСД, а ќе може да види и колку пари има од рециклирање, кои ќе бидат како кеш-бек од тоа што рециклира. Исто така, студентите ќе можат да се најават во менза, за да се знае дали ќе користат оброк. Јас сум секогаш за планирање на тоа што го трошиме. Не е во ред во овие тешки времиња на беспарица да фрламе јадење или тоа јадење да не се користи како што треба. Со рационализација на трошоци може да има успех во менаџирањето. Ако ние како млади не се стремиме да си ги чуваме ресурсите кои државата ги има, тоа би било бунар без дно.
[…] го вели директорот на ДСД Скопје, Виктор Велевски во интервју на Новинската агенција Мета. Велевски додава дека во […]