Интервју со Сатки Исмаили: Во новиот дневник е уредено како ќе се оценува и како се пишуваат часовите

За да се оцени со петка веќе не е доволно ученикот само да чита течно, туку тоа што го чита треба да знае и да го објасни, вели наставникот од основното училиште во Тетово „Кирил и Методиј“, Сатки Исмаили во интервју за Порталб.мк

Сатки Исмаили; Фото: Арбнора Мифтари, Порталб.мк

За да се оцени со петка веќе не е доволно ученикот само да чита течно, туку тоа што го чита треба да знае и да го објасни, вели предметниот наставник по математика од основното училиште во Тетово „Кирил и Методиј“, Сатки Исмаили во интервју за Порталб.мк, во кое зборува за измените во наставниот процес. Исмаили работеше на првичната верзија на електронскиот дневник кој како новина во образованието беше воведен во 2013 година, а сега обучува наставници како да го користат новиот електронски дневник.

Порталб: Потребата за реформи во образованието отсекогаш била очигледна, но не треба да се занемарува фактот дека во основното образование во текот на последнава деценија направени се многу измени. Мислите ли дека ова може да и наштети на продуктивноста на наставниците, исцрпувајќи го од нив мотивот за работа? 

Сатки Исмаили: Ова е многу разбирлива состојба, но овие реформи се резултат на статистиките на резултатите од претходните реформи. Сè додека нема подобрување на стекнатите вештини на учениците, тогаш мораме да пробаме нови пристапи, бидејќи сè додека правиме отпор кон промените затоа што сме научени на нашите стари навики, генерации на ученици поминуваат и нивниот образовен процес е нешто што не може да се врати назад и да се направи одново.

На пример еден период ги имавме програмите според Кембриџ, кои траеја околу шест-седум години, но што се случи? Недостатокот на адаптација меѓу наставните програми и книгите се покажа како нешто што не дава резултат. Иако немаше пад, немаше ни подем, ако по пет години, десет години немаме подобрување на резултатите, тогаш тоа значи дека имаме реформа што не е корисна.

Порталб: Какви критериуми на оценување на учениците предвидува новиот концепт? 

Сатки Исмаили: Во март 2021 година изработен е документот „Национални стандарди за достигнувањата на учениците на крајот од основното образование“, што се состои од осум области во кои е определено што треба да знае ученикот по завршување на основното образование. Значи кои се знаењата, вештините и ставовите на ученикот. Не можам јас да кажам денес го оценив ученикот, доби петка и толку. Нив ги интересира кои се финалните достигнувања. Не само дали знае детето да чита, бидејќи ние оценуваме дека ученикот чита прекрасно, но дали знаат учениците да кажат што е тоа што го прочитале? Друго барање, дали знае ученикот да направи критика на тоа што го чита? Од учениците се бара тоа што го читаат да знаат и да го применат.

Порталб: Од оваа година ќе има нов електронски дневник и ЕМИС систем, какви новини ќе има? 

Сатки Исмаили: Оваа учебна година се прават и нови промени, и не само на електронскиот дневник, туку и што се однесува на ЕМИС. Системот ЕМИС е софтверска база на податоците на наставниците и другите вработени, како и на учениците во образовните институции, каде што спаѓа и електронскиот дневник. Овој последниот ги содржи податоците за активностите што ги реализираат наставниците, оценувањата како и другите информации за учениците што ги следат и нивните родители. Системот ЕМИС како база на овие податоци оваа година е усовршен во поглед на хардверската и софтверската инфраструктура. Во рамки на овој систем функционира и електронскиот дневник каде што поради реформите во основното образование како и недостатоците во квалитетното функционирање во минатото, во електронскиот дневник се прават позитивни измени за кои се потребни и пилотни рокови. Поради ова на државно ниво ангажирани се 40 администратори кои ќе бидат обучени за измените во електронскиот дневник и кои потоа ќе реализираат обуки со училишните администратори за истото да биде пренесено и до наставниците во училиштата.

Главен предизвик за потребите на новиот концепт е дека сега преку целата учебна година има наставни предмети што се одвиваат со модули со интерпредметен модул за наставата да се реализира на одредени временски периоди или само едно полугодие. На пример, во првото полугодие ученикот може да одбере еден изборен предмет, а во второто полугодие друг предмет. Со новиот дневник се уредува начинот како ќе се напишат часовите, како ќе се направи оценувањето за овие предмети доколку сумарното оценување го прави секој наставник. Стариот електронски дневник не ги дава овие можности.

Порталб: Дали ќе има санкции за наставниците што нема да го користат правилно новиот систем? 

Сатки Исмаили: Не, такви притисоци нема и нема да има. Со примена на новиот дневник претходно сигурно ќе има обуки за училишните администратори, а потоа ќе се одржуваат обуки со сите наставници во рамки на училиштето. Откако ќе научат наставниците, ќе започне реализацијата и кога се реализира нешто има пропусти, но нема казни во тој аспект. Меѓутоа постои и небрежност од страна на наставниците: Доколку еден наставник во текот на два – три месеци нема ниеден податок за наставните часови, не е во ред, не е во ред да не ги евидентира активностите што ги реализирал. Дали треба сите да го применуваме? Да треба, нема „јас не знам да го направам тоа“.

Потоа ќе има обуки и со родителите. Класните раководители ќе им го пренесат на родителите начинот на пристап до електронскиот дневник, профилите, електронската пошта итн. Да се овозможи што повеќе родители да се приклучат. Да не се задоволиме со изреката „подобро да не ме следи никој на електронскиот дневник за да не ги види моите активности“, туку со задоволство да се каже колку многу ме следат. Јас за себеси сум горд кога мојата работа ја следат што повеќе ученици и родители, камо да имав среќа во училница да влезат и да ме видат како го реализираме наставниот процес и учењето.

Порталб: За да го совладаат наставниците што побрзо новиот систем, освен обуките што ќе се одржуваат кога ќе дојде време, сега тие имаат можност да се развиваат и во повеќе области што ќе им помогнат во нивното прилагодување на овие реформи. Како и кој ги организира овие обуки?

Сатки Исмаили: Секој наставник на почетокот на учебнатаа година е должен да подготви план за индивидуален стручен развој, каде ги планираме компетенциите што треба да ги развиваме во текот на учебната година и обично ни се дава можност да одбереме две до три компетенции. Потоа секое училиште има тим за стручен развој, и сега, тимот за стручен развој ги разгледува овие програми и планирања, анализира кој наставник какви барања има, кои компетенции сака да ги развива. Во зависност од тоа, училиштето е должно да обезбеди обуки. Тие обуки може да бидат интерни или екстерни. Тоа се обуки што некој ги реализира и ги плаќа, ги спроведува Европската Унија и ИПА фондовите во соработка со МОН, Бирото за развој на образованието, Центарот за државни испити, Просветниот инспекторат, и овие не се безначајни работи, овие се големи инвестиции што се прават за квалитетно образование, бидејќи промените не треба да се однесуваат само на учениците.

Порталб: Како ќе се изработуваат наставните програми?

Сатки Исмаили: Наставниот план и програми се дадени, ги изработуваат експерти од Бирото за развој на образованието, со работни групи. Нивната реализација и планирање како ќе се изврши реализацијата се прави од страна на наставниците. За да се планира реализацијата на наставниот план треба време и посветување. И ова е добро да се направи преку стручни активности во училиштето: по два-три наставници од ист предмет. Потоа една модификација, една поинаква изработка, го прави наставникот.

Порталб: Што покажуваат статистиките за квалитетот на образованието во РСМ?

Сатки Исмаили: Последниве десет години проценките велат дека имаме покачување на просечните оценки во поголемиот дел на предметите, како во основното образование така и во средното. Има и еден меѓународен експерти кој, што се однесува до оценувањето за Северна Македонија, на една конференција рече дека вака како што се одвива ситуацијата во Северна Македонија со оценувањето, за многу краток период ќе дојде едно време кога нема да има потреба за оценување, бидејќи секој ученик ќе има петка. Меѓународните истражувања, било ПИРЛС, ТИМСС или ПИСА, покажуваат дека остануваме ниско, односно знаењето што го покажува ученикот не се совпаѓа со оценката што му е дадена.

Порталб: Со оглед на тоа дека се одржани и се одржуваат толку многу обуки, зошто сè уште нема очигледен развој во образованието? 

Сатки Исмаили: Јас сум критичар и самокритичар, не сум од тие што секогаш во спиралата на вината ги обвинувам учениците, родителите, институциите. На изминатите обуки што се одржаа во текот на еден месец, голем број на наставници одбираат обуки кои се несоодветни на компетенциите што треба да ги развиваат. Бирото за развој на образованието ти дава можност да одбереш што сакаш да следиш, и доколку во едно училиште 70 наставници аплицирале за истата програма, каде ќе одат сите? Ова е така затоа што не ги земаме работите сериозно. Меѓутоа, доколку секој наставник се обврзува со закон дека за три години треба да следи 60 часови обука и една обука треба да трае осум часови, сега замисли со 60 часови обука да немаш ниедна придобивка? Јас ви кажувам дека лично ги следам темелно, а јас уште две години одам во пензија, но моето мислење е дека треба сите да се промениме и промените треба да почнат од нас самите.

Порталб: Дали имаме доволно финансиски ресурси за измени на ова ниво на образованието? 

Сатки Исмаили: Ние ги следиме и реакциите на наставниците во врска со оваа проблематика. Потребно е секој наставник да има по еден персонален лаптоп и овие барања треба да ги исполни Министерството, но сега сè е во надлежност на општините, зависи од општинските буџети, училишните буџети, училиштата, поголемиот дел имаат компјутери но тие се застарени. За жал, има и училишта што ни овие не ги имаат, а има и училишта со кои се гордееме, меѓутоа можеш да ги имаш најдобрите програми, концептот да биде прекрасен, но ако немаш креативен наставник, со стручни компетенции што ги развива постојано, се е залудно. Во Северна Македонија ги имаме сите категории.

Порталб: Каков резултат мислите дека ќе имаат во образованието реформите според новиот концепт? 

Сатки Исмаили: Ќе ги надминеме и овие предизвици, но треба да имаме малку позитивна енергија и посветеност. Последните истражувања покажале дека стресот кај третите и четвртите одделенија е покачен, но покачен е и кај наставниците. Наставникот треба да го разбере начинот на кој детето ја изразува аксиозноста и стресот, но и наставникот ако секогаш има негативна енергија спрема сите процеси, тогаш значи дека нешто не е во ред.

 

Новинар: Арбнора Мифтари