fbpx

(ИНТЕРВЈУ) Гојковиќ-Арбутина: Невладините во Р. Српска со закон ќе бидат означени како странски агенти

На еден просечен човек да му кажете дека некој е агент на странско влијание, тогаш тој ќе мисли дека тој е овде за да ги руши институциите, да прави нешто лошо против Република Српска, практично се создава стигма - како сите невладини да се здружени да ги срушат институциите на државата, вели во интервју за Мета.мк Сандра Гојковиќ-Арбутина, главен уредник во „Независне новине“

-

Повторно криминализирање на навредата и клеветата, обележување на сите невладини организации кои добиваат донации од странство (вклучително и организациите кои се бават со новинарство) како „агенти на странско влијание“ и изготвување на Регистер на медиуми каде што државата ќе одлучува кој може, а кој не може да се бави со новинарска дејност.

Ова се само дел од законските решенија кои сериозно ја доведуваат во прашање слободата на медиумите во Република Српска, која е составен дел од БиХ. Медиумите и граѓанските здруженија се под огромен притисок, а за дел од нив постои можност целосно да згаснат.

За овие прашања, Мета.мк разговараше со Сандра Гојковиќ-Арбутина, главен и одговорен уредник на „Независне новине“. Во неврзан муабет, ѝ го раскажавме последниот „ медиумски удар“ во Македонија, за пресудата против ИРЛ, со која Основниот граѓански суд процени дека невладина организација не може да се бави со новинарска дејност и дека всушност, „новинарите на ИРЛ не се новинари“. Ова не пројави голема зачуденост кај Арбутина, бидејќи, како што рече, и во Република Српска ваквиот притисок започнал ненадејно, за потоа да се прошири низ еден цел систем од законски решенија со кои им се оневозможува на новинарите да работат слободно.

Сето ова, недвосмислено потсетува на проширениот закон за „странски агенти“ во Русија, а како што пред неколку дена соопшти Радио Слободна Европа, повикувајќи се на изјава на заменик-министерот за правда Олег Свириденко, ќе се наметнат казни до 500.000 рубли (5.660 долари) на трети страни кои „намерно или ненамерно“ промовираат или дистрибуираат материјали произведени од субјекти „странски агенти“ без соодветно да ги атрибуираат.

Свириденко за ТАСС изјавил дека рускиот министер за правда Константин Чујченко ќе ја потпише соодветната наредба на крајот на месецов, а потоа ќе биде издаден владин декрет, по што руските власти ќе почнат да издаваат казни кои ќе важа како за „библиотеки, книги, универзитети, телевизија“, така и за „обичните луѓе“.

Инаку, постоечкиот закон дозволи означување на медиумите и индивидуалните новинари како „странски агенти“, вклучувајќи ги и оние кои не добиваат странско финансирање, но се „под странско влијание“, и бара од нив да ги означат сите нивни материјали како произведени од „странски агент“. Во меѓувреме, повеќе од 30 вработени во Радио Слободна Европа се наведени како „странски агенти“ од руското Министерство за правда.

Сето ова, се чини дека се доближува и до Република Српска, според она што ни го раскажа главната уредничка на „Независне новине“.

До каде е постапката за донесувањето на законот, со кој секое граѓанско здружение кое ќе добие проект од странство или се финансира на тој начин, ќе биде обележано како „агент на странско влијание“?

Гојковиќ-Арбутина: Веќе помина Нацрт-законот за посебен регистер и јавност на работата на невладините организации. Ќе следува јавна расправа, а потоа како предлог закон оди на усвојување во Собранието. Ова најверојатно ќе се случи до крајот на декември годинава. Законот доаѓа веднаш по измените во Кривичниот законик, во кој беше воведена криминализација на клеветата, што е крајно симптоматично.

Што е клучно во законот со кој се дефинираат „агентите на странско влијание“?

Гојковиќ-Арбутина: Невладините организации веќе се опфатени со многу закони. Тие мора да поднесуваат извештаи до сите агенции за своето работење – за плаќање даноци, финансирање, фактички тие подлежат на истите закони како и било која друга компанија. Од друга страна, ниту еден донатор не сака да работи со било која граѓанска организација која ги нема сите законски покриени финансии. Донаторите бараат транспарентно каде и како се потрошени сите пари. Сите финансиски извештаи на невладините организации се јавни и објавени на нивните веб-страници.

Дополнително, повеќето од помалите портали се регистрирани како здруженија на граѓани, бидејќи полесен е процесот на регистрација, потребни се помалку документи и слично, иако тие си ги плаќаат сите придонеси за вработените, данокот, итн. Но, овде има еден најголем проблем, кој според мене е навистина дискриминаторски. Има формулација „агент на странски влијанија“.

Ако сте невладина организација која добива донација од Шведска, Норвешка, САД, Германија, Швајцарија итн., и на пример, се бавите со екологија и сакате да направите иницијатива за чистење на реките, вие со својата иницијатива одите до Владата и до Министерство за екологија и велите: „мора да се исчистат реките, тоа е ваша надлежност“ и на тој начин правите притисок. Е сега, со овој закон, ако некој се бави со екологија, и ако се обрати до било која владина институција со барање да се направи нешто во однос на чистењето на реките, тоа може да се сфати како политички притисок. Со овој закон се забранува политичко делување на невладините организации и веќе однапред им се стеснува полето и смислата на нивно дејствување, бидејќи како политичко делување може да биде сфатен и апелот до Министерството за екологија да бидат исчистени реките, бидејќи министерството е дел од Владата.

Нацрт-законот предвидува дека активностите од областа на науката, културата, социјалната и здравствената заштита, спортот, заштитата на потрошувачите, заштитата на правата на националните малцинства и лицата со попреченост, заштитата на животната средина, борбата против корупцијата, филантропијата, волонтерството и информирањето не се сметаат за политички активности.

Интересно е што во овие исклучоци не се вклучени човековите права или владеењето на правото, со кои се занимаваат значителен број активни граѓански организации во Република Српска.

Какви би биле последиците од сето ова?

Гојковиќ-Арбутина: Со ова практично ќе се легализираат називите кои сега ги имаме – „странски платеници“, „издајници“, „соросоиди“. Сега сето ќе се подведе под едно – „агент на странски влијанија“. На еден образован човек можеби ќе му биде јасно за што станува збор, но на еден еден просечен човек да му кажете дека некој е агент на странско влијание, тогаш тој ќе мисли дека тој е овде за да ги руши институциите, да прави нешто лошо против Република Српска, практично се создава стигма – како сите невладини да се здружени да ги срушат институциите на државата.

Што мислите, кој е мотивот за сето ова?

Гојковиќ-Арбутина: Како што веќе реков, ние сега имаме криминализација на клеветата. Ние бевме први во регионот кои ја декриминализиравме клеветата, тоа се случи после 90-тите и беше празник за нас. И пазете, после 20 и кусур години, повторно ја воведуваме, а барањата на ЕУ се токму спротивни – декриминализација на клеветата, бидејќи сè останато е просто нецивилизирано. Со ова, се враќаме 100 години назад.

И сега се тргна кон граѓанскиот сектор. Тоа е многу лошо опкружување за нивната работа и мислам дека после ова, многу од нив ќе се откажат, а многу и нема да можат да работат под тој вид на притисок. Министерството за правда ќе биде надлежно за тие граѓански организации, ќе може да оди во вонредни контроли, ненајавено да им ги чешлаат документациите, можат да им забранат работа… Сега, доколку имате и некој флаер, во рамките на извесен проект, било што, било каков документ, таму ќе мора јасно да биде назначено дека вие сте „агент на странски влијанија“.

Се тргна кон граѓанскиот сектор. Тоа е многу лошо опкружување за нивната работа и мислам дека после ова, многу од нив ќе се откажат / Фото: Мета.мк

Но, сепак, зошто некој би се одлучил на ваков чекор?

Гојковиќ-Арбутина: Се смета дека дека има голем прилив на странски пари. Но, затоа постојат невладините организации, затоа се невладини, бидејќи не се финансираат од буџетот.

Јас не велам дека нема такви кои ете, можеби имаат поинакви цели, такви се можеби една, до две или три, но не можеме сите да ги подведеме под исто. Знаете, ние сме мала средина, 200.000 луѓе и ваквото етикетирање ќе биде тешко и за оние што се бават со оваа дејност, но и за нивните деца и семејства.

Реагиравте ли на ваквиот нацрт-закон?

Гојковиќ-Арбутина: Tешко ми е да ги избројам сите реакции. Стотици се. И како новинарска фела и како новинари и како невладини организации, ангажиравме и правници, за да немаме лаички тврдења, кои ни кажаа, став по став, што е овде неетичко и што е овде во спротивност со човековите права. Ништо не се случи.

Кога се случуваше јавната расправа, таа се случуваше само за да се исполни формата. И правниците рекоа дека овој закон е толку лош, што не може да се поправи, не може дури ни амандмански да се испегла.

Има ли кај вас регулација на онлајн медиуите?

Гојковиќ-Арбутина: Не. Со ниту едно законско решение не се регулирани порталите. Сега во тој пакет, заедно со Кривичниот законик и овој за странски агенти, оди и Законот за медиуми, кој се носи после 27 години. Нашиот закон сега препознава само телевизии, весници или радија, а има и дел кој вели дека може да се земе цел тираж ако се процени. Дваесет години баравме закон, не го добивме и дури после овие два, добиваме нов Закон за медиуми.

Што се предвидува во овој закон?

Гојковиќ-Арбутина: Тоа е една советодавна работна група, која ќе бара од нас да кажеме што сакаме, но после овие два закона, не верувам дека ова ќе биде добро решение, бидејќи сметам дека ова е пакет – системски пакет кој заокружува една цела приказна.

Сите овие закони не се во согласност со европската регулатива, а сепак се усвоени, а ние добивме кандидатски статус. Значи во моментот кога најголемите борби ги водевме за овие закони, ние добивме кандидатски статус и сега ете, се враќаме назад.

Во новиот закон ќе бидат внесени и порталите, но ние бараме да биде транспарентна нивната сопственост. Тоа не им се допадна баш, а ние мислиме дека тоа е клучно, да се знае кој стои зад одреден медиум. Тие, од друга страна, сакаат да се направи Регистер на медиуми, што е исто така еден вид опасност затоа што ако има елиминаторски опции во тој регистер, на пример ако медиум не може да биде основан од невладина организација, тогаш тој медиум нема да може да влезе во регистарот. А Регистарот го прави државата, па така, нема да може да се оди на јавни настани, на прес конференции во институции, што е многу опасно.

Нам ни треба закон за медиуми, но стравот ми е дека после овие два закона не можеме да очекуваме нешто добро.

Каков ви е мотивот за работа сега, во новинарската фела?

Гојковиќ-Арбутина: Ова трае веќе една година, прилично сме исцрпени да повторуваме колку е тоа лошо и колку е тоа опасно, недемократски. Кога зборувавме за криминализацијата, се обидувавме на луѓето да им кажеме дека тоа се однесува на секој, на секој што ќе напише нешто на социјални мрежи, па дури и во кафана ако се каже нешто, а има два сведока, може да завршите со кривична пријава за клевета. Јавноста мислеше дека медиумите прават паника, но не, тоа се однесува на секој. Се однесува на секој човек. Казните не се високи, ама казната во случајов не е толку важна.

Кај нас кривичната постапка трае од 3-5 години, а тужителот во меѓувреме има право да бара да ви биде одземена опремата, да ви ја забрани работата… На пример, не може да се добие тендер за оглас, затоа што на огласите се бара да не се води кривична постапка. Нашиот медиум живее само од огласи, па оттаму, ние со такво нешто практично би се угаснале за неколку месеци, а да не зборувам за малите медиуми кои живеат од реклами.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...