[Интервју] Ева Цветковска: Студентскиот културен центар ќе нè обедини и ќе ни го врати чувството да се биде студент

фото: Мета.мк

Хибридна настава, субвенциониран студентски оброк, покачени стипендии, но и цени за меѓуградски превоз – ова се главните моменти со кои се соочија студентите изминатава академска 2021/2022 година. При најголем дел од предизвиците, на браникот на студентските права застануваше Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ) – најголемото студентско тело во кое членуваат претставници на студентите на универзитетско ниво.

Според Законот за високо образование од 2018 година, студентското собрание ги штити интересите на студентите, учествува во одлучувањето на органите и телата на универзитетот и ги претставува студентите во рамки на високото образование како членови на академската заедница.

Ева Цветковска е втора претседателка на Универзитетското студентско собрание на УКИМ и нејзиниот мандат истекува, па наскоро на УКИМ претстои избор на нов студентски собраниски состав и претседател.

Во интервју за „Мета.мк“, Цветковска зборува за сработеното на овој состав на УСС УКИМ, но и за предизвиците и актуелните состојби на првиот и најголем универзитет во земјава. Цветковска говори за состојбата со студентските домови, потребата од дигитализација на универзитетот, а го најавува и отворањето на Студентскиот културен центар, прв од ваков вид во земјава.

Измина една година од мандатот на овој состав на Универзитетското студентско собрание. Еден краток осврт – што сработи УСС УКИМ изминатава година во насока на подобрување на студентскиот стандард и унапредување на студентските права?

Би ги издвоила оние главни моменти за кои се залагавме уште од самиот почеток и кои беа наведени во мојата кандидатура – најпрво, неполн месец откако бев избрана за претседател на УСС УКИМ, организиравме јавна дискусија за измени во Законот за субвенциониран студентски оброк кој исто така беше донесен по наше барање, но со оглед на ситуацијата со пандемијата и неспремноста на институциите во дадениот момент да го испорачаат она кое законот го наложуваше, организиравме јавна дебата за тоа како студентите би сакале да се промени законот и да важи во академската 2021/2022 година. Согласно расположението на студентите, донесовме барање до законодавниот дом, законот да се измени на начин што парите наменети за субвенциониран оброк нема да се слеваат по 120 денари дневно кои би можеле да бидат трошени исклучиво за храна, туку да ги добиваат на почетокот на секој месец и да ги трошат како што сакаат.

Понатаму, организиравме пет студентски научни конференции во насока на подигање на науката и научно-истражувачката дејност меѓу студентите, каде студентите можеа да аплицираат со свои научни трудови и за волја на вистината, ги одржавме претежно во живо и поминаа прилично убаво.

Главните две точки од мојата кандидатура беа подобрување на образовната инфраструктура, односно просторот во кој што студентите можат да учат, да се образуваат и културно да се издигаат. Објавивме два конкурса до студентите од Архитектонскиот факултет – едниот за изградба на Студентски културен центар (СКЦ) – нашето Собрание донесе одлука за пренаменување на нашите канцеларии, кои што се прилично големи и зад себе носат една историја на нелегитимни студентски претставници, интервенции од ЕБР, киднапирање и друго, од времето на Студентските парламенти, односно од точката каде студентската борба всушност започна, па дојдовме ние (Универзитетските студентски собранија).

Одлучивме просториите кои го носат тоа минато зад себе да ги измениме по вкусот на студентите и да го направиме овој простор за сите студенти на УКИМ каде што тие ќе можат преку ден да читаат, учат, одржуваат конференции, додека во вечерниот дел да одржуваат културни настани како изложби, уметнички претстави, свирки, диџеј сетови и слично.

Вториот конкурс објавен за подобрување на инфраструктурата се однесуваше на реновирање на читалната на Техничкиот кампус, кој во моментов е единствен што нема доволно капацитетна читална за да го издржи бројот на студенти што студираат на тeхничките факултети. Па студентите од Архитектонскиот факултет изработија решенија за проширување и реновирање на читалната на Електро.

За жал, тој проект зависеше од средства од МОН од каде требаше да инвестираат за да се реализира, но не ги добивме оваа година со оглед на кризата која не дозволува да се инвестираат средства во реновирање и во мебел.

Додека, СКЦ, кој се финансира од самите средства на УСС УКИМ, е моментално во изградба и ќе биде готов до септември, односно до почетокот на следната академска година.

Нашето барање за покачување на студентските стипендии беше прифатено со што стипендиите беа дуплирани и воведени се нови стипендии за втор и трет циклус на студии.

По дојава на организација која што се залага за заштита на студентите од еднородителски семејства, дознавме дека е укината поволноста на студентите од еднородителски семејства да плаќаат половина партиципација. Веднаш реагиравме, поднесовме барање до УКИМ и на следната Ректорска управа ова право на студентите им се врати. Ова барање го упативме од страна на Државното студентско собрание до Владата за да може да важи на сите универзитети, а не само на УКИМ, одговор сè уште чекаме, но успеавме барем на УКИМ да го вратиме правото на студентите со самохрани родители да плаќаат половина партиципација.

 

Изминатава година, имајќи ги превид предизвиците со кои се соочија студентите, упативте низа барања до државните институции, воглавно до Владата и до Министерството за образование, коишто беа најповикани да реагираат, меѓутоа и до Град Скопје и Министерството за транспорт и врски. Колку би рекла дека државните институции, но и раководството на Универзитетот имаат слух за барањата на студентите?

Реакцијата варира од институција до институција. За некои барања веднаш наидовме на поддршка, за други малку заглавивме во институционалните лавиринти за да дознаеме всушност до кого треба да го поднесеме барањето. Некои барања сè уште не ни се прифатени, па оставаме на идните генерации да ги реализираат.

Од управата на УКИМ, за поголемите барања за кои се потребни неколку години за да се променат, немавме некаква децидна реакција, но за некои останати барања, како поддршка и олеснување на нашата работа, со оглед на тоа дека сепак станува збор за една огромна институција која е опколена со правила, регулации и закони, управата ни помогна да се снајдеме и да ги реализираме нашите барања. Генерално, не би се пожалила премногу од расположението на УКИМ да ни помогне барем кога станува збор за некои моментални барања.

Во однос на институциите, живееме во едно непредвидливо политичко време, кога се менуваат министри. Двете главни барања поднесени на почетокот, како Законот за субвенциониран студентски оброк и покачување на стипендиите ни беа прифатени. Начинот на кој беа прифатени е дискутабилен, но сепак е еден огромен чекор напред за студентскиот стандард.

 

Од изминатава академска година студентскиот буџет е зголемен со уште една нова мерка – субвенционираниот студентски оброк. Секој студент месечно, во просек, добива 2.400 денари, средства наменети за еден здрав оброк во текот на денот. Дали и колку би рекла дека овие средства се доволни за таа намена, особено сега во време на зголемена инфлација и цени на производите?

120 денари дневно за еден оброк во моменталните услови во кои што живееме се многу малку, особено ако институциите сакаат да нè поттикнат да купиме еден здрав оброк. Со оглед на тоа дека една салата е минимум 250 до 300 денари, со 120 денари можеме да си купиме едно лиснато, кое според стандардите и не е толку здраво. Се надевам дека идните генерации ќе се борат за покачување на овој буџет.

 

МОН ги покачи и стипендиите, па од оваа година покачени стипендии добиваат само дел од студентите, односно оние кои аплицирале првпат. Овие наметнати услови предизвикаа реакции кај студентите, а дополнително и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди индиректна дискриминација. Кој е ставот на УСС УКИМ за покачените стипендии и дали ќе се преземе нешто за стипендиите веќе од претстојната академска година да бидат изедначени за сите студенти?

Формулацијата на најавата беше напишана на начин на кој не можеше да се разбере дека станува збор за стипендии кои ќе важат само за новата квота студенти кои ќе аплицираат. Ние во моментот кога дознавме веднаш поднесовме барање за опфаќање на сите студенти во оваа мерка, но, за жал, во дадениот момент буџетот беше тој и немаше време за итен ребаланс, како би можеле да бидат опфатени. Ние поднесовме барање за предвидување на доволно средства во буџетот за идната година да бидат опфатени сите студенти. Со оглед на тоа што мандатот на овој состав на УСС завршува се надевам дека идната генерација студентски претставници ќе ургираат за веднаш да бидат опфатени сите студенти, бидејќи ова нема смисла.

Во секој случај би сакала да кажам дека ова е еден многу голем чекор напред, затоа што генерациите, односно тие две-три генерации што, за жал, не го добија правото на покачени стипендии ова година, ќе изминат и секоја идна генерација ќе продолжи да ги има дуплираните стипендии и така барем нешто останува во аманет од она за кое што ние се залагавме.

 

Со растот на цените на горивата, постојано се зголемуваат и цените на билетите за меѓуградски превоз, што пак носи дополнителни трошоци за студентите. Се бара ли некакво решение за овој проблем?

Ние веднаш поднесовме барање за замрзнување на цените на автобуските билети за студентите и ова го разговаравме со неколку институции, но одговорот беше дека станува збор за приватни превозници и дека е голем зафат, односно процедура која треба да се преземе за да можат цените да бидат замрзнати. Имаше некаква волја, но со оглед на тоа што гледаме дека цените на храната не се замрзнуваат, не би знаела што да кажам во однос на очекувањето за замрзнување на цените на транспортот. Сепак, ние продолжуваме да се бориме и упорно да го поднесуваме истото барање, додека не им текне дека немаме друг начин да се вратиме дома ако цените одат нагоре.

Нè радува дека барем некое барање во однос на транспортот беше прифатено, односно беа вратени бесплатните билети за железнички превоз за студенти и за млади. Инфраструктурата на железничкиот сообраќај, сепак, не е доволна да ги опфати сите градови во Македонија, не дозволува сите студенти да можат да се вратат дома со воз, па некои мора да се враќаат со автобус. Сепак, и за оние кои би го користеле исклучиво правото на железнички транспорт, сметам дека треба да биде зголемена редовноста на овие линии, односно да биде зголемено правото на бесплатен превоз во железничките линии. Тоа беше напишано и во нашето барање, ние побаравме секој викенд да биде бесплатен. Се надевам дека државата ќе успее да ни го овозможи ова наше барање и да им дозволи на студентите секој викенд да може да се враќаат дома, бидејќи секој втор викенд не е доволно.

 

Белата палата да се пренамени во студентски дом, беше барањето на УСС УКИМ по одлуката на Судот да го конфискува луксузното седиште на партијата ВМРО-ДПМНЕ. По ова барање произлегоа реакции и обвинувања за наводна партизација на УСС УКИМ, бидејќи слично барање упатија и од СДММ. Од каде произлезе идејата за ова барање на УСС УКИМ?

Искрено, тоа беше трагична коинциденција. Ние го зборувавме ова уште од многу порано, далеку пред мојот мандат. Наративот кој што владее меѓу студентите е на линија дека на нас треба да ни припаѓаат сите луксузи во кои политичарите уживаат. Уште во претходниот мандат се зборуваше во линии на цинизам дека во моментот кога ќе им биде конфискуван, ние треба да отидеме таму и ние да спиеме и да уживаме во просторот каде што тие уживале. Во моментот кога го видовме ова и кога прочитавме коментари, и меѓу делегатите на УСС се зборуваше дека треба да реагираме брзо и да бидеме првите кои што ќе излезат со барање што ќе биде насочено кон двете доминантни политички партии, бидејќи која и да дојде на власт, се „зафркава“ со студентите.

Ние се надевавме на поддршка од моменталната власт, но и од опозицијата дека, ете, она кое што им е земено, доброволно го даваат за користење на студентите. Бевме прилично изненадени, не знаевме дека и СДММ го имаат поднесено ова барање. Беше една трагична коинциденција, но не продолживме да се објаснуваме. На крајот на денот нашиот став е дека која и да е партија на власт, ако поднесува нешто што нам ни оди во прилог, ние ќе го поддржиме тоа, а очекуваме поддршка и на нашите барања.

Политичката ситуација во која што живееме е таква што мора да балансираш и да играш со сите партии кои што се на власт. Оние што ме знаат мене и делегатите во УСС знаат дека ние не сме партиски определени, а дури и да има делегати кои се партиски определени, никогаш не истапуваат на начин каде што бараат партиски интереси, туку исклучиво студентски интереси.

 

Какво е твоето мислење за состојбата со сместувањето и храната во студентските домови во Скопје? Дали би рекла дека состојбата од година во година се подобрува?

Сметам дека се подобрува. Летово ќе почнат да се реновираат студентските домови „Кузман Јосифовски Питу“ и „Стив Наумов“. Во поглед на храната имавме поднесено неколку анкети до студентите и реакциите и одговорите секогаш се дијаметрално различни. Или има одговори дека храната е одлична и прекрасна, или дека е лоша. Бидејќи не живеам во студентски дом, не би можела да ја отсликам во зборови реалната ситуација, но фактот дека почнуваат да се реновираат студентските домови е еден голем чекор напред кон обезбедување на подобри услови за студентите.

 

Кога е во прашање дигитализацијата, постојано слушаме за потребата од нејзино воведување, но истовремено слушаме и за скромниот универзитетски буџет, кој очигледно не може да ја издржи. Има ли накаква најава за дигитализација на најголемиот универзитет во земјава?

Дигитализацијата се движи во две насоки – едната е дигитализација на образовниот процес, што подразбира материјали и комуникација со професорите на еден поорганизиран електронски начин, следење и снимање на предавања и слично, а од друга страна е административното работење кое што навистина треба да се дигитализира бидејќи живееме во 2022 година и нема смисла да пријавувам испити и електронски и физички.

Од една страна, за дигитализацијата на образовниот процес се воспостави iKnow системот, кој го дигитализира образовниот процес и во таа насока работите се движат во ред, но во насока на дигитализирање на административното работење, за жал, нема апсолутно никаков одговор и се надевам дека управата на УКИМ ќе го сфати ова барање сериозно бидејќи треба да „влеземе“ во 2022 година.

 

Дел од заложбите на почетокот на твојот мандат беше и Единствениот трошовник за сите факултети и студенти, а потоа најавата беше дека ќе се залагате државата да ги преземе обврските за плаќање на трошоците. Колку е остварлив овој чекор?

Делот за државата да го преземе овој финансиски товар од студентите е прилично изводлив во едни идеални услови, но за жал, поради неажурноста и бавноста на институциите, претпоставувам би требало време да се реализира ова барање. Ние во неколку наврати го поднесовме ова, го поднесовме и во Декларацијата за млади и иднина, која ја потпишаа шест политички парти и МОН. Јас во барањата до МОН постојано го наведував ова, но тоа е еден голем проект за кој би требале години за да стигне до реализација.

Во поглед на трошковникот на ниво на УКИМ, известена сум дека е изготвен, но процедурата за да биде изгласан мора да помине на сите 23 факултети и институти за да може да биде ставен на гласање на УКИМ. Тоа е една долга процедура. За жал, во овој мандат нема да видиме реализација, но позитивно е дека е изготвен и ќе биде ставен на гласање на ниво на факултети.

 

Од следната академска година Скопје добива студентски културен центар. Ова ќе биде простор каде студентите ќе работат, ќе се дружат и ќе се забавуваат. Како ќе функционира овој простор и кога може да се очекува негово отворање?

Просторот ќе функционира на начин што преку ден ќе биде слободен за студентите да доаѓаат, да пијат кафе, да се дружат, читаат и работат на проекти заедно. Понатаму, ако има потреба да организираат студентска конференција, едукација, дискусија или дебата на релевантни теми, просторот ќе биде слободен за било кој студент да може да дојде и да ги организира овие настани. Во вечерниот дел ќе има културна програма, просторот ќе биде опремен на начин што ќе овозможи да се организираат свирки, забави, деиџеј сетови. Имаме паноа за изложби на уметнички дела, ќе биде приспособен за одржување на претстави, проекции на филмови и друго. Се надевам дека студентите ќе го искористат овој простор. Има оформено тим на студенти кои ќе бидат координатори на целото место и ќе ја осмислуваат програмата на СКЦ и тимот се состои од студенти од уметничктие факултети, бидејќи тие знаат најдобро. Се надевам дека ова ќе биде едно збирно место кое студентите ќе го чувствуваат како свое и после две години живеење во пандемија и губење на чувството дека сме студенти воопшто, се надевам дека овој простор ќе нè обедини и ќе ни го врати тоа чувство и ќе се прават журки. Местово е за журкање.