fbpx

[Интервју] Данила: Дезинформациските кампањи во Романија често се насочени против бегалците од Украина

Повторно излегоа на површина ревизионистичките побуди во некои држави, вклучувајќи ја и Романија. Приказната вели дека Украина е држава од земјиште што припаѓа на други држави. Таа го претставува барањето на Русија како легитимно, вели Ина Данила, раководителка на романска организација за проверка на факти и за отпорност кон дезинформации

-

Додека дезинформациски кампањи ја преплавија Средна и Источна Европа, граѓанските организации се во првите редови на иницијативите за справување со овој предизвик. Мета.мк разговараше со Ина Данила, раководителка на проект во Funky Citizens, романска организација за проверка на факти и за отпорност кон дезинформации, во врска со тековната ситуација во Романија во регионален контекст. 

Дезинформациите се закана за демократските општества во целиот свет. Северна Македонија има свој удел во локализираните и прекуграничните дезинформации како и во пропагандните кампањи. Во основа, половината од населението на државата не им верува на медиумите. Како изгледа медиумскиот пејсаж во Романија? Дали како држава-членка на ЕУ се соочувате со истите предизвици? 

Има многу сличности меѓу двете држави, особено во историски, политички и медиумски контекст. Во Романија, многу медиуми се во сопственост на медиумски магнати или, пак, се платени од политичките партии. Оттука, довербата на романската јавност во медиумите е мала, односно само 20% oд Романците велат дека имаат висока или многу висока доверба во медиумите. Дури и црквата, војската и полицијата се повисоко рангирани во поновите анкети. Оваа ситуација нè прави почувствителни на дезинформации и на руска пропаганда, а сега уште повеќе со оглед на војната што се одвива блиску до нашите граници. 

Поголемиот дел од населението негува позитивни ставови кон ЕУ и НАТО и е непријателски настроен кон Кремљ. Сепак, поларизацијата, појавата на популизмот и национализмот го предизвикуваат прозападниот статус-кво и ја отвараат вратата за странски влијанија од Исток како што се покажа во нашиот извештај за антизападна пропаганда што го спроведовме во 2021 година. 

Во Северна Македонија лажните информации се шират преку социјалните мрежи, особено преку Facebook, Twitter и YouTube. Сепак, пропагандистите сè уште користат традиционални медиуми, но незадолжително и вообичаените канали. Каква е состојбата во вашата држава? 

За некои делови од населението (особено генерацијата „З“ и Милениумците, но и зголемениот број на бејби-бумерите), социјалните медиуми се местото каде што наидуваат на дезинформации. Заедно со YouTube и Instagram, Facebook е сè уште најпопуларна социјална медиумска платформа, а тоа ја прави и голема дезинформациска алатка во државата. За жал, исто така гледаме загрижувачки трендови на TikTok, што е многу потешко за следење поради форматот и рокот на траење на содржините, како и поради малата транспарентност на алгоритмите. За разлика од вашата држава, во Романија традиционалните медиуми се сè уште на врвот од листата за случајно или намерно пренесување на дезинформации и на лажни вести. 

Не изненадува тоа што некои политичари шират лажни вести, но тоа не го прават на очигледен начин. Минатата година, сегашни или претходни членови на Алијансата за сојуз на Романците (АСРрадикална десно-ориентирана партија) промовираше проруски наративи или изрази сомнеж за помошта што ѝ се испраќа на Украина од страна на ЕУ и/или Романија, што допре до илјадници луѓепреку ТВ и преку социјалните медиуми. 

Каков ефект имаше оваа активност на политичкиот дискурс или на однесувањето на романските гласачи? 

Ставот на Романија во однос на војната во Украина е усогласен со позициите на ЕУ и на НАТО и покрај проруските дестабилизирачки напори. Сепак, на поопшто ниво, дезинформациите се веќе дел од нашите политички дебати. Нашите колеги од Factual редовно ги разоткриваат политичките лажни вести и дезинформации. Така, романските политички лидери им отвораат многу работа. 

Друг ефект од сиот овој информативен хаос (што стана полош по ковид-19 пандемијата) е тоа што гласачите се чини дека се позаинтересирани за популистичките дискурси. Тоа барем го покажа анкетата од јануари 2023 година. Според Atlas Intel, радикалната десно-ориентирана партија АСР може да добие 17,9% од гласовите на парламентарните избори следната година, додека нивниот претседател, Џорџе Симион, би освоил над 10% од првиот круг на претседателските избори во 2024 година. 

Досега, какви алатки или решенија има направено или идентификувано вашата организација? Што функционира најдобро? 

Користиме мешавина на внатрешни платформи, активности и партнерства со други организации за да промовираме фактичка вистина и за да ја зголемиме отпорноста кон дезинформациите. Така, од 2014 година ја водиме платформата за проверка на факти Factual.ro, што е и сертификуван член на Меѓународната мрежа за проверка на факти (International Fact-Checking Network). Исто така се приклучивме на програмата за проверка на факти на компанијата „Мета“ минатата година. Користиме новинарски методи за идентификување и разоткривање на потенцијални дезинформации на Facebook и Instagram, платформи чие користење ќе им се намалува со текот на времето. 

Во 2022 година, помогнавме во создавањето на Европскиот кодекс на стандарди за независни организации што се занимаваат со проверка на факти (EFCSN’s European Code of Standards for Independent Fact-Checking Organizations). Кодексот е заеднички труд на 45 организации за воспоставување на стандарди за траспарентност, етика и методологија што ќе ги води нашите проверки на факти и креирањето политики во борбата против дезинформациите. 

Сепак, не е доволно разоткривањето ако тоа не е поддржано со градењето општествена отпорност. Од таа причина, секогаш наоѓаме нови начини како да им ги дадеме алатките што им требаат на активистите и на другите ангажирани граѓани во областа за тие да постанат лидери во промените, исто како што „Метаморфозис“ го прави тоа во вашата држава. 

Забележавте ли некакви промени во воената пропаганда? Дали вие, или други романски актери, видовте некакви шеми на менување на дезинформациите во изминатава година? 

Да, може да зборуваме за тоа како трендовите на ширење лажни информации се менувале со напредокот на војната. 

Од самиот почеток, серија меѓународни наративи фатија корен на локално ниво. Според локалните експерти, прикажувањето на Украинците како нацисти (со акцент на баталјонот Азов) беше еден од најпополарните наративи во првата фаза со ограничени резултати, бидејќи Романците изразија масовна поддршка за каузата на Украина. 

Потоа следуваше серија подли, проруски приказни и надојдоа пораки во кои се велеше дека Украина исто така е виновна за конфликтот. Конечно, по октомври 2022 година, пропагандата стана поагресивна, нагласувајќи ја стравотната сила на Русија, нуклеарната закана и фактот дека западниот свет нема да скокне за да им помогне на Украинците.  

Исто така, сега имаме повеќе дезинформации и говор на омраза кон украинските бегалци во Романија. Наративи за тоа дека Украинците се премногу богати, дека имаат скапи возила, дека се корумпирани, арогантни, дека не ги почитуваат правилата се појавија во нашата држава, но и во Република Молдова, во Република Чешка и во Полска. 

Ова е тажно, зашто исто така се соочуваме со недоволно сочувство од страна на Романците. Тоа може да влијае врз нивото на поддршка што им се укажува на Украинците на кои им е потребна. 

Ако ги мапирате најзастапените наративи идентификувани во вашата држава во последната година, кои би биле тие? 

Имаме преиначени транснационални наративи и имаме локални приказни. Сигурно сте слушнале за барем неколку такви со оглед на тоа дека тие беа популарни во Источна Европа и на Балканот. 

Оттаму, ги идентификувавме следниве: приказни за неуспехот на западниот модел на демократија, за слобоста на ЕУ и/или НАТО, за фактот дека Русија била испровоцирана од НАТО и идејата дека Украинците, или другите помали држави во регионот, се само пиони или колонии што се користат во поголемата геополитичка игра. 

Не помалку важно е и тоа дека повторно излегоа на површина ревизионистичките побуди во некои држави, вклучувајќи ја и Романија. Во тој случај, приказната вели дека Украина е држава од земјиште што припаѓа на други држави. Таа го претставува барањето на Русија како легитимно. Овој наратив го промовираше поранешен министер за надворешни работи кој наговести дека Украина треба да ги предаде териториите на Русија, Романија, Полска и на Унгарија за да постигне мир. Други варијации ја надолнија идејата тврдејќи дека Украина е авторитарна држава и дека романското малцинство што живее на нејзина територија е дискриминирано (иако овие наративи не постоеја пред војната). 

Да го завршиме интервјуто со попозитивен поглед, дали гледате причини за оптимизам на хоризонтот? 

Ние сме многу активна организација. Оттука, треба да останеме оптимисти за да си ја вршиме работата. Фатализмот и активизмот не одат заедно. Гледано низ една посериозна призма, сметаме дека овие заеднички иницијативи што ги подготвуваме ќе го зголемат влијанието на нашите организации во областите поврзани со свесноста и отпорноста на дезинформациите. 

 

Овој напис е изработен во рамките на проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Деновите од изборите ќе се одработат, учениците подолго ќе престојуваат во училиште

Министерството за образование и наука информира дека наставата од деновите на гласање - 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ...