Инклузивен прирачник за џудо со адаптирани техники за лица со интелектуална попреченост

Проектот првенствено ги таргетира лицата со интелектуална попреченост на возраст од 18 до 35 години, приспособувајќи го својот иновативен пристап за да ги задоволи нивните специфични потреби

Фото: Judo4All

Џудо Клуб Дрим Струга и Порака Нова Струга, заедно со партнерите од Србија и Романија креираа Инклузивен Џудо Прирачник со адаптирани џудо техники за лицата со интелектуална попреченост.

Примарната цел на овој прирачник изработен во рамки на проектот „Џудо за сите“ (Judo4All) кој е поддржан од Европската Унија, е да охрабрат што повеќе џудо клубови во земјата и регионот да практикуваат инклузивно џудо во рамки на нивните тренинзи.

Во овој прирачник може да се прочитаат информации како џудото може да се направи да биде одличен инклузивен спорт, кои бенефити ги носи овој спорт за лицата со интелектуална попреченост, но и ќе служи како алатка за адаптирани џудо техники и игри, кои сите се снимени и во видео формат.

Проектот првенствено ги таргетира лицата со интелектуална попреченост на возраст од 18 до 35 години, приспособувајќи го својот иновативен пристап за да ги задоволи нивните специфични потреби.

Џудото е спој на древна боречка вештина и модерен спортски тренинг, надополнувајќи се со својата филозофија, континуирано самоподобрување, фокусирање на рамнотежата, техниката и силата. А, како што е наведено во прирачникот, инклузивното џудо може да биде одличен начин за луѓето со попреченост да се поврзат со други кои ги споделуваат нивните интереси и страсти и да почувствуваат чувство на припадност и другарство и да се слави различноста и уникатноста на секој спортист.