Иницијативата „Заедно за реките“ ќе заштити 13 диви реки во Југоисточна Европа, меѓу нив и долниот тек на Вардар

Иницијативата во земјава ја поддржува заштитата на Демиркаписката клисура и долниот тек на Вардар заедно со притоките Дошница, Бошава и Клисурска река на што се работи заедно со населението, локалните власти, бизнис секторот и националните установи

Фото: The Nature Conservancy

Тринаесет реки од Југоисточна Европа ќе бидат заштитени во рамките на регионалната иницијатива „Заедно за реките“ – United for rivers, што беше претставена во Карловац, Хрватска. Под водство на The Nature Conservancy и шест партнерски организации од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Северна Македонија и Србија ќе бидат заштитени природните, социјалните и културните вредности на околу 400 километри речни текови.

Југоисточна Европа е дом на некои од последните диви реки на континентот. Тие се крвотокот на заедниците и екосистемите и обезбедуваат вода за пиење, ја поддржуваат биолошката разновидност и го овозможуваат животот. Но, денес реките се многу позагрозени поради загадувањето, уништувањето на живеалиштата, неодржливиот развој и климатските промени. Станува збор за глобален проблем, од 1970 година, на глобално ниво бројот на популации на слатководни видови е намален за 83 отсто, а изгубени се 30 отсто од слатководни екосистеми.

„За првпат кај нас и во регионот работиме на позитивна кампања за заштита. Долго време решаваме проблеми со кои се соочуваат реките, како што се последиците од малите хидроцентрали и од различни други човечки активности, кои се обидуваме да ги ублажиме. Сега се одлучивме за поинаков пристап, да делуваме превентивно и во заштитата да ги вклучиме сите засегнати страни од самиот почеток“, вели Ѓорѓи Митревски од Еко свест, членка на иницијативата.

Посочува дека во земјава, иницијативата ја поддржува заштитата на Демиркаписката клисура и долниот тек на Вардар заедно со притоките Дошница, Бошава и Клисурска река на што се работи заедно со населението, локалните власти, бизнис секторот и националните установи. Бенефитот е многукратен за сите засегнати страни, заштитените реки обезбедуваат вода за пиење, ја поддржуваат биолошката разновидност и овозможуваат живот и одржлив развој на локалните заедници.

Откако ќе се воспостави заштита и ќе се обезбеди добро управување на заштитеното подрачје, тоа ќе биде и директен придонес во исполнувањето на меѓународните обврски на кои што се обврзаа земјите особено кон Европскиот зелен план, Зелената агенда за Западен Балкан и глобалната рамка за биолошка разновидност Кунмин-Монтреал од декември 2022 година.

„Нашата иницијатива се заснова на верувањето дека вклучувањето и зајакнувањето на локалните заедници е клучно за ефикасна и трајна заштита на реките. Соработуваме со бројни засегнати страни, со цел да се развие сеопфатно и долгорочно решение за заштита на нашите реки“, вели Драгана Милеусниќ, директорка на Програмата за Југоисточна Европа во организацијата The Nature Conservancy.

Во иницијативата, покрај Еко-свест и The Nature Conservancy, партнери се и Центарот за животна средина, Здружението Динарица и младинскиот клуб Нови Вал од Босна и Херцеговина, Еколошкото здружение Рзав од Србија, Еко-тим од Црна Гора.

„Иницијативата е многу поширока од формирањето на нови заштитени подрачја покрај реките. Сакаме да всадиме чувство на поврзаност и соработка помеѓу различни засегнати страни за да обезбедиме долгорочна заштита. Нашата визија е регион каде што реките се вреднуваат и заедниците напредуваат. Со поттикнување на вклучувањето на локалните заедници, можеме да создадеме движење на луѓе кои се обединети во нивните напори да ги заштитат нашите реки“, смета Наташа Миливојевиќ, директорка на еколошкото друштво „Рзав“ од Србија.