Информатичарите на протест: Наместо Владата, ChatGPT „ја изгради“ зградата на ФИНКИ

Студентите ја искажаа својата креативност, па пред зградата на извршната власт изложија фотографии од разговор со јазичниот модел „ChatGPT“ во кој од четботот бараат да генерира фотографија како македонската влада ја гради зградата на ФИНКИ

фото: Мета.мк

Со транспаренти, изложба и предавање на отворено, неколку стотици студенти и професори на најголемиот факултет во земјава – Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), го кренаа гласот пред Владата и побараа државата да се ангажира поактивно во справувањето со еден од најголемите предизвици за установата – немањето простор за сместување на речиси 5.000 студенти.

„ФИНКИ нема зграда, учиме пред Влада“, „Заборавивте на нас!“, „#ERROR 404, Влада NOT RESPONDING“ беа само дел од написите кои се најдоа на транспарентите на студентите поддржани од Универзитетското студентско собрание на УКИМ и факултетското собрание на ФИНКИ. Тие ја искажаа својата креативност, па пред зградата на извршната власт изложија фотографии од разговор со јазичниот модел „ChatGPT“ во кој од четботот бараат да генерира слика како македонската влада ја гради зградата на ФИНКИ.

„Бидејќи владата не ни изгради зграда, го замоливме ChatGPT да го направи тоа“, беше ироничниот коментар на студентите што ја коментираа изложбата.

Пред Владата беа присутни и нивните професори, а Наставно-научниот совет на ФИНКИ ја одржа и својата 25-та редовна седница.

Деканот на ФИНКИ, проф. д-р Боро Јакимовски, рече дека денешниот протест се организира за да се крене свеста во општеството дека државата треба многу поактивно да се вклучи во барањето трајно решение за просторниот проблем на факултетот, но и за да се обезбеди краткотрајно решение во меѓувреме – да се ослободи простор на Техничко-технолошкиот кампус на УКИМ.

Една од можните локации е зградата на Сојузот на синдикатите

„Изминатиот период беа разгледувани постојни објекти во државна сопственост и од наша страна беа сугерирани други објекти што не се во државна сопственост, меѓутоа државата може да ги обезбеди за побрзо трајно решение за факултетот… Секако, тука сме и за основното барање што го упативме до Владата, а тоа е да се обезбеди дополнителен простор кој се наоѓа на Техничкиот кампус за да можеме да го адаптираме и од септември-октомври да започнеме во малку порелаксирана средина да ја спроведуваме наставата“, изјави деканот Јакимовски.

Тој рече дека со Владата се разговарало и за трајно решение, а како можни локации за преместување на ФИНКИ ги спомена зградата на трговскиот центар Рамстор во Центар и зградата на Сојузот на синдикатите на Македонија, во чии простории претходно беше сместен Универзитетот Мајка Тереза.

„Бараме модерен објект, кој, пред сè, треба да има малку поголеми училници, сепак нашите групи студенти се поголеми. Објект кој е од ранг од шест до десет илјади метри квадратни би бил соодветен за факултетот, во којшто би имало простор не само за студентите, туку и за потенцијални старт-ап компании. Факултетот организира многу странични активности и настани и компаниите од ИКТ сферата активно се присутни во нашиот кампус, постојано, со многу активности коишто секако ние максимално ги поддржуваме. Добро е во еден заеднички дом да продолжиме истото да го правиме“, кажа Јакимовски.

Ќе требаат години за да се догради зградата од проектот Скопје 2014

Во однос на долгоочекуваната и недоградена зграда во општествениот кампус на УКИМ, која беше дел од фамозниот проект Скопје 2014, деканот на ФИНКИ рече дека за да се заврши нејзината изградба ќе бидат потребни неколку години.

„Дозволата за градба за таа зграда истекува за една или помалку од една година, што значи дека потоа ќе има правен вакуум за примопредавање и ставање во функција на таа зграда“, изјави Јакимовски.

Според него, не постои пречка за релокација на Бирото за развој на образованието од бараките кои се наоѓаат во близина на Техничкиот кампус.

„Верувам дека државата има и други простории кои се во државна сопственост – во рамки на министерствата и други државни институции, за да се преадаптираат за Бирото“, изјави деканот на ФИНКИ.

БРО нема да прифати решение во кое не се вклучени нивните претставници

Од БРО утрово преку допис до медиумите порачаа дека нема да дозволат „селење во непознат правец“. Бирото порача дека го поддржува ФИНКИ во залагањата да обезбеди соодветни услови за настава, но фрла и сомнежи врз намерите на факултетот, прашувајќи дали ова е првиот чекор за „атрактивната локација“ да прерасне во повеќенаменски објект за „засега непознати причини“.

Од БРО ги информираа надлежните институции, меѓу кои Министерството за образование и Владата, дека нема да прифатат никакво решение во врска со нивните постојни простории ако во тој процес на одлучување не бидат вклучени нивни претставници. Ако тоа не е случај, се заканија дека ќе ги запрат сите активности.

„Во спротивно, иако за нас неприфатливо, но според „обрасците“ на однесување во државата и решавање на проблемите со притисоци, информираме дека ќе ги запреме нашите секојдневни активности и ќе ги повикаме на поддршка сите соработници (наставници, директори, воспитувачи, стручни соработници…)“, велат од БРО.

ФИНКИ вчера најави дека почнува со серија мирни протести сè до остварување на целта, но на денешниот протест не беше посочено дали ИТ академската заедница ќе продолжи да излегува на улица и во наредниве денови.