Извор на фотографија: Собрание на РСМ

Парламентот на Северна Македонија има отвореност од 65,6 отсто, што е втор најдобар резултат во анализираните земји од Западен Балкан (Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора), веднаш по Црна Гора со 67,5 отсто, но овие резултати и не се толку добри, оти генерално отвореноста на парламентите во регионот е во стагнација, се вели во Проценката на состојбата на добро владеење на собранијата и извршните гранки на централните власти на четири држави од Западен Балкан – Северна Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Оваа проценка, подготвена од Фондацијата Метаморфозис во соработка со партнерите од регионалната мрежа Отчетност, технологија и мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа (ACTION SEE), е поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество и Националната фондација за демократија.

Според ова истражување, извршната власт во Северна Македонија е најотворена во групата на четирите набројани земји (Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора), со 44,88 отсто од исполнети индикатори за отвореност.

Податоците и за двете инстанци на власта се според Индексот на отвореност, кој ги проценува перформансите на извршната власт и собранијата во областа на добро владеење со тоа што се фокусира на четири столба: (1) пристапност, (2) ефикасност, (3) интегритет и (4) транспарентност со еден заеднички домен присутен во сите четири столба – отворени податоци.

Истражувањето е спроведено помеѓу јануари 2020 и април 2020 година. Примерокот на таргетирани институции се состои од вкупно 51 институција, вклучувајќи го Генералниот секретаријат на Владата, 16 министерства и 33 случајно избрани извршни органи во состав на министерствата, како и Собранието на Република Северна Македонија. Грешката во мерењето е +/- 3 отсто.

Отвореноста на парламентите стагнира

„Отвореноста на собранијата во регионот сe уште не е на задоволително ниво. Нашето истражување укажува на тоа дека собранијата влегле во фаза на стагнација, па дури и назадувања во одредени сегменти на отвореноста. Напредок се случува само во изолирани случаи, затоа немаме многу причини да бидеме задоволни. Резултатите од нашето истражување покажуваат дека собранијата во регионот во моментов исполнуваат просечно 51,9 отсто од индикаторите за отвореност. Црна Гора имаше најотворено Собрание во регионот со исполнети две третини од индикаторите (67,5%).
По неа е Северна Македонија (65,6%), Националното Собрание на Србија со нешто помалку од половина од исполнети индикатори (45.4%)6, додека Собранието во Босна и Херцеговина исполни во просек 36,4% од индикаторите за отвореност“, се вели во проценката, која одбележува дека парламентите во  Црна Гора и Северна Македонија континуирано бележат подобри резултати во однос на отвореноста, пред законодавните домови во Србија или Босна и Херцеговина.

Додека собранијата се во голема мерка транспарентни кога станува збор за организациските информации, индикаторите за транспарентност во врска со јавните набавки и државниот буџет  се исполнети во помала мера. Инертноста на собранијата при интеракција со граѓаните е сe уште една од најслабите точки во однос на пристапноста до собранијата во регионот.

Собранието на Република Северна Македонија, со 64,9 отсто од исполнетите индикатори во оваа област, се истакнува како пример за добра практика во интеракција со граѓаните“, стои во извешајот за проценките.

Собранието поназад од другите институции

Собранието на Северна Македонија, сепак,  забележува голем неуспех во споредба со другите институции во Северна Македонија, бидејќи падна од второто на петтото место во однос на отвореноста на другите институции во земјата. Ова претежно е резултат на маргиналните напори на Собранието за исполнување на индикаторите за отвореност, наспроти подобрениот учинок на другите институции меѓу кои се Владата на Република Северна Македонија (75,86 отсто), Министерството за информатичко општество и администрација (76,01 отсто), Министерството за одбрана (72,47 отсто) и Министерството за финансии (71,57 отсто)“, се вели во извештајот.

Препораките се Собранието да креира и објави посебна политика што ќе ја гарантира неговата отвореност и транспарентност, да креира и објави посебна парламентарна комуникациска (ПР) стратегија; да креира и објавува годишна програма за работа и да ја одржува оваа практика, како и да работи на модернизација на својата веб-страница со цел да ги олесни комуникациските канали и да го поттикне учеството на граѓаните. По надградбата на веб-страницата треба да се обрне внимание на пренесувањето на
сите информации од претходната веб-страница и поставувањето на документите
што недостасуваат во отворен формат за секој оддел, соодветно, како и да објави список на пратеници со нивните контакти во структуриран и отворен формат на податоци и да ги објави платите на пратениците и средствата што ги побарале за патни трошоци, како и да ги објави нивните записи од гласањата, како и видеата од седниците на комисиите кои и покрај тоа што дел од нив се емитувани на ТВ-каналот на парламентот, не можат да се пронајдат на веб-страницата на Собранието.

Извршната власт подобра на врвот, одејќи кон дното отвореноста се намалува

Во поглед на извршната власт, како и претходните години, резултатите покажуваат дека нивото на отвореност се намалува како што се движиме кон оние органи што се на пониско хиерархиско ниво во јавната администрација.

Владите во регионот во просек исполнуваат 56,59% од критериумите за отвореност, министерствата 47,45% и извршните органи/ административните тела 30,61%.

Во поглед на извршната власт во земјава, во проценките се одбележува дека во ноември 2019 година, Владата ја усвои Стратегијата за транспарентност на Владата
на Северна Македонија (2019-2021) која се обидува да го подобри пристапот до
информации – проактивно, како и по барање – со изнесување мерки што ја поддржуваат
ефективната примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и подобрување на презентацијата на информации и документи на веб-страниците на сите министерства и извршни органи на Владата.

Воспоставена е и законска рамка за борба против корупцијата и промовирање на култура на интегритет, која беше зајакната со неодамнешните измени и дополнувања на соодветните закони. Оваа рамка се состои од Законот за спречување
корупција и судир на интереси, Законот за лобирање и Законот за заштита на укажувачи.

Сепак, истражувањето преку Индексот на отвореност покажува дека вкупниот
резултат на извршната власт (вклучувајќи го Генералниот секретаријат, министерствата и извршните органи) достигнува 65,63 отсто, со највисока оцена за индикаторите за транспарентност од 43 отсто, и најниска оцена за ефикасност од 25 отсто.

„Индикаторите забележани во ефикасноста и интегритетот се меѓу најважните кои бараат потемелни интервенции – не само на хартија, туку и во пракса“, се вели во извештајот.

Собранието да се отвори повеќе кон граѓаните

Дел од препораките велат дека Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците мора да креира своја веб-страница што е можно поскоро за да ѝ ги соопшти на јавноста сите важни аспекти од неговата работа што спаѓаат во неговите надлежности и на овој начин да се овозможи директна отчетност. Уште една препорака е сите извршни органи да имаат свои веб-страници или посебен дел на веб-страницата на министерството ко е одговорно за нивната работа, за да се овозможи директна интеракција со и отчетност пред јавноста. Се посочува и дека институциите мора почесто и редовно да објавуваат планови и извештаи за нивната работа., редовно да ги објавуваат своите буџетски планови и извештаи на годишно и на полугодишно ниво, а владата да ги објави документите што се разгледуваат и дискутираат за време на седниците, како и записници од состаноците.