fbpx

Името и бегалската криза во фокусот на средбата Коѕиас – Попоски

-

Спорот за името и бегалската криза ќе бидат на врвот на агендата на денешниот состанок меѓу шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, и неговиот грчки колега, Никос Коѕиас, во Атина. Во Атина владее воздржан оптимизам за исходот од посетата, со оцени дека работите се раздвижени, мразот полека се топи и дека условите за наоѓање компромис се значително подобри од претходно.

Посетата на Попоски во Атина, прва официјална посета на шеф на македонската дипломатија по речиси една деценија, доаѓа по посетата на Коѕиас на Скопје летово, на која беа договорени 11 мерки за градење доверба меѓу двете страни и интензивирање на соработката во повеќе сектори.

Пренесувајќи ја климата во Атина, весникот „Катимерини“ пренесува дека во грчкото министерство за надворешни работи веруваат дека условите за решавање на спорот се поповолни отколку во минатото, меѓутоа сметаат дека дури и кога има можност за наоѓање компромис, како пречка се јавуваат политичките услови во Македонија.

Како пример за таква пречка, весникот го посочува текстот на британски „Гардијан“ и реакцијата на македонскиот премиер Никола Груевски за него. Според весникот, демантот на Груевски е во сосема поинаква насока од изјавите на Попоски во интервјуто за „Катимерини“ овој викенд. Контрадикторностите меѓу самите македонски политичари, според весникот, креираат бариера за наоѓање суштинско решение.

Радиото „Атина 98.4“, повикувајќи се на дипломатски извори, пренесува дека денешната средба се очекува да биде официјален почеток на еден нов дијалог за решавање на името. Се најавуваат нови предлози за името од грчка страна, со надеж дека ќе се најдат заеднички точки и идеи, кои се прифатливи и за македонската и за грчката влада. Овие предлози се планира до крајот на годината да му се претстават и на посредникот во спорот за името во Обединетите нации, Метју Нимиц.

Според радиото, сепак од грчка страна постои воздржан оптимизам. Оцените се дека е тешко да се очекува наскоро да се најде решение на името, главно поради политичката ситуација во Македонија.

На денешната средба се очекува Коѕиас да изрази поддршка за европската и за НАТО-перспективата на Македонија.

Меѓутоа, едно од клучните прашања ќе биде бегалската криза и грчката болна точка, ѕидот од македонска страна, со која голем дел од мигрантите се принудени да останат во Грција. Грчкиот министер може да предложи продлабочување на меѓуграничната соработка за подобро решавање на оваа ситуација.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас во интервју за „Фајненшал тајмс“ беше мошне критичен кон Македонија и кон другите држави што креваат ѕидови и ги запираат бегалците и мигрантите.

„Грција се соочува со опасност да стане магацин на души за бегалците ако не се намали бранот што доаѓа. Словенија, Хрватска и БЈРМ одлучија да ги филтрираат луѓето според нивната националност и не прифаќаат луѓе, на пример, од Северна Африка и од Иран. Тоа не е во ред“, истакна Ципрас.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Палевски екстрадиран во Македонија, ќе се одмотува клопчето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски

Со комерцијален лет од Истанбул, Турција на „Туркиш ерлајнс“, во 19.30 часот на Меѓународниот аеродром во Скопје беше екстрадиран Љупчо Палевски - Палчо, првоосомничен за двете монструозни убиства, на...