Има решение за ставање крај на хартиените уверенија и дипломи, само треба да го искористиме

Издавањето на дигитални документи за стекнати вештини и знаења им штеди средства на издавачите, време на граѓаните кои стекнале нова образовна квалификација, а го оневозможува и фалсификувањето на овие документи

Фото: Архива на Мета.мк

Дипломи, уверенија, признанија, сертификати и писма за препораки за вработување во хартиена форма граѓаните многу бавно ги стекнуваат во македонските административни лавиринти, а доколку ги изгубат, мораат повторно да го поминат макотрпниот пат за да им бидат издадени нови. Покрај време, ваквите процедури чинат и нерви и финансии, а особен проблем е дигитализацијата на македонското високо образование.

И покрај тоа што за темата за дигитализирање на сите документи што се издаваат во високото образование се зборува многу во изминатиов период, треба да се спомене дека во Македонија постои и решение кои може да се примени за надминување на ваквиот проблем со хартиените документи. Платформата verify.it е продукт изработен од Blokverse и Netcetera, за чиишто предности Мета.мк разговараше со Владимир Симјаноски од Blokverse.

Како што ни објаснува Симјаноски, verify.it е замислен да се интегрира со постоечките информациони системи на издавачите на документи и да го оптимизира процесот.

„Со ова драстично се намалуваат оперативните трошоци на издавачите. Од друга страна, крајните корисници многу заштедуваат на време поради тоа што не мораат физички да одат до издавачот. Дополнително, добиваат документ којшто лесно, со еден клик, може да се провери дека е автентичен“, вели Владимир Симјаноски.

Инаку, творците на платформата во моментов се фокусирани на модернизација на процесите на издавање на документи во високото образование.

„Целта на verify.it платформата е да се овозможи издавање на било каков тип на документи (диплома, дигитални транскрипти, уверение за студент, писма за препораки итн.) дигитално“, објаснува Симјаноски.

Сите издадени документи преку оваа платформа се нотаризирани на приватна блокчеин мрежа, која е оперирана од организации со високо ниво на доверба од академскиот свет или владини институции. Можноста за фалсификување на дигиталните документи во ваков случај е исклучена, за разлика од вакви кривични дела што ги прават поединци со дипломите, уверенијата или сертификатите во хартиена форма.

„Технологијата има такви карактеристики што секој запис е непроменлив и не можат да се скријат обиди за малверзација“, дециден е Симјаноски.

На овој начин, покрај заштедувањето на време на граѓаните и на средства на издавачите, уште една предност што се добива е можноста за верификација на дигиталниот документ само со еден клик. За разлика од ова, хартиените уверенија, дипломи или други документи се верифицираат мануелно и ваквата процедура може да трае и до неколку недели.

Симјаноски објаснува дека платформата verify.it веќе има партнерство со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при УКИМ. ФИНКИ заеднички со компанијата Blokverse го имплементираат процесот на дигитална трансформација на нивните документи што ги издаваат на студентите, засновани на платформата verify.it.

Преку нивната платформа, факултетите на нивните студенти можат да им издаваат дигитални потврди за запишани студенти, дигитални документи за престој на студенти во странство или дипломи за завршено високо образование.

Издавањето на дигиталните документи во македонското законодавство е регулирано со Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги. Уште пред неколку години, во рамките на ЕУ постои регулативата eIDAS за електронска идентификација и доверливи услуги за електронски трансакции на единствениот европски пазар.

Владимир Симјаноски објаснува дека Европската Унија во моментов работи на нова верзија на eIDAS (2.0), која што ќе треба да го уреди издавањето на документи со помош на децентрализирани технологии (блокчеин). Македонија како земја-кандидат за членство во ЕУ, за очекување е дека и ќе треба да следи ваквата европска регулатива откако ЕУ ќе отпочне да ја применува.

Тој додава дека доволно е да се погледнат економските индикатори на земјите каде дигитализацијата навистина ја разбрале сериозно и успеале на среден рок неколкукратно да ја подобар продуктивноста, а со тоа и компетитивноста како земји во споредба со остатокот од светот. Како земја мора да покажеме дека имаме капацитет за модернизација, порачува Симјаноски.

Инаку, Мета.мк веќе подолго време ја следи потребата од дигитална трансформација во образованието, со особен акцент на средното и на високото образование. Во март годинава организиравме и јавна дебата на тема „Дигитализација во образованието“, на која студентите се пожалија дека и понатаму студентските прашања на нивните факултети им се редовното место на кое губат нерви за вадење потврди за да користат бесплатен јавен превоз, заверки во индекс на семестрите или пријави за земање оценки од професорите.

ДЕБАТА: Испит уште полагаме со хартиена пријава, дигиталните алатки во наставата се реткост