Илјадници посетители на овогодинешниот Д-фестивал во Дојран

Уште едно успешно издание на музичкиот Д-фестивал се одржа во Дојран оваа година од 30 јуни до 2 јули. На програмата имаше голем број на домашни и странски артисти, како и денска програма со најразновидни активности

Фолтин на главната бина на Д фестивал, Фото: Мета.мк

Илјадници посетители присуствуваа на 11-тото издание на Д-фестивал, кој викендов од 30 јуни до 2 јули, се одржа во Дојран во организација на Пасворд продукција. Покрај тоа што неколку пати на целиот фестивал снема струја и имаше силни дождови на вториот ден поради што имаше мало преместување на тајмингот на концертите, публиката неуморно уживаше во тридневната манифестација. Исто како и претходните години, посетителите имаа и опција да престојуваат во кампот на Д-фест, кој е всушност пренаменет парк на крајбрежјето на Дојранско езро.

Д фестивал 2023, Фото: Мета.мк

На Д-фестивал годинава имаше обемна и разновидна музичка програма, исполнета со повеќе од 50 локални и странски артисти. Дел од домашните артисти кои настапија пред публиката беа: Кирил Џајковски, Фолтин и Funk Shui, како и поновите артисти Димиш, Харакири, Миа Перевска, Peach Vice и Аудиоцигла. Од странските артисти настапуваа српските S.A.R.S. и Коикои, американската рап група Onyx и грчкиот метал бенд 1000 Mods.

Особен впечаток оставија Smut, македонски бенд кој е повеќе од 20 години двигател во македонската хардкор сцена, кои настапуваа првпат по подолга пауза. Публиката очигледно беше “стрвна” за нивните настапи и со многу енергија го прими нивниот настап. Ненајавено настапи и Ристо Вртев, познат како пејачот на македонската рок група Архангел. Невообичаено, тој ги пееше хитовите на Архангел без својот бенд, туку само со неговиот глас и акустична гитара.

Исто така, на годинешниот фестивал беа впечатливи американскиот сурф-панк бенд Daikaiju. За време на својот настап тие носеа маски и не зборуваа, што не ги спречи да комуницираат “глатко” со публиката. На крајот од нивниот настап, бендот ги подаваше нивните тапани на публиката, а публиката го држеше и самиот тапанар над себе додека тој свиреше над нив. Daikaiju изминатава недела имаа настап во Битола, а ќе имаат настапи и во Куманово и во МКЦ во Скопје.

Daikaiju на Д фестивал, Фото: Мета.мк

Дополнително, Д-фестивал има и богата денска програма. Таа се состоеше од излагања, панели и работилници, изработени во соработка со надворешни организации. Присутни беа Пакомак, кои имаа иницијатива за гратис пијачки при рециклирање на шишиња, како и организациите Еквалис и Хера, кои држеа работилници за изработка на фанзини и прилика за квир „спиддејтинг“.

Денска програма на Д фестивал 2023, Фото: Мета.мк