Фото: Polina Tankilevitch from Pexels

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 8 до 14 март 2021, тестирани се вкупно 22.625 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 7,3 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани сe 5.456 нови позитивни случаи од 34 градови во државата, со зголемување од 22,2 отсто во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје.

„Процентот на позитивност во споменатиот период се движи од 19,4 до 27,4 проценти, или во просек 23,9 проценти, идентично како минатата недела. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (26,3 проценти). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30 до 39 (19,5 проценти), од 40 до 49 (17,9 проценти), од 50 до 59 (16,8 проценти) и од 20 до 29 (12,8 проценти). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (2,1 проценти) и од 10 до 19 години (4,6 проценти),“ се вели во соопштението.

Пријавени се 129 смртни случаи од 21 град, 2,3 пати повеќе во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 110 лицa биле над 60 години, 17 лица на возраст од 50-59 години и две лица од возрасната група 40-49 години.

Од ИЈЗ информираат дека откако на 17 февруари почна вакцинацијата против ковид-19, заклучно со 15 март вкупно се вакцинирани 5.061 здравствени работници.