ИЈЗ: Децата да пијат повеќе вода и природни сокови, а помалку „Прајм“

„Ако децата, на возраст до 14 години, консумираат 500 милилитри дневно од овој производ, ќе се соочат со зголемен внес на витамини и минерали несоодветен за нивната возраст, само со овој пијалок“, велат во Институтот за јавно здравје

Prime hydration пијалоци. Фото: Wikimedia Commons/Harry Cavanagh

Како и секогаш, нашата препорака е децата да консумираат вода и природни сокови, а консумацијата на „PRIME HYDRATION DRINK“ кај децата треба да биде ограничена и контролирана од страна на родителите, да не се дозволи консумација од 500 мл дневно. Ваква препорака стаса денеска од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), од каде што преку соопштение советуваат дека мора да се контролира пиењето на овој пијалок.

„PRIME HYDRATION DRINK е безалкохолен пијалок со додадени витамини, минерали и аминокиселини, кој го има на пазарот во Македонија. Во декларацијата на производот е наведено да се консумира 500 милилитри дневно. Содржината на витамините и минералите одговара на препорачаниот дневен внес на витамини и минерали за возрасен човек. Но, овој производ е многу популарен и широко употребуван од страна на децата“, наведено е во соопштението.

Во него се вели дека ако децата, на возраст до 14 години, консумираат 500 милилитри дневно од овој производ, ќе се соочат со зголемен внес на витамини и минерали несоодветен за нивната возраст, само со овој пијалок.

„Секако дека во текот на денот ќе ги внесуваат истите витамини и преку други прехранбени продукти. За децата на возраст од 7 до 14 години дневниот внес на витамини и минерали е два пати повисок преку овој пијалок, а ова особено се однесува на липосолубилните витамини, како што се витамин А и витамин Е. Овој производ не содржи кофеин, не содржи шеќери, значи не е енергетски пијалок, но затоа содржи засладувачи. Тоа значи дека децата ќе се соочат и со зголемен внес на вештачки засладувачи“, предупредуваат во ИЈЗ.

Здравствените власти во Словенија завчера ја забранија „Прајм“ верзијата која содржи состојка Л-теанин и која не е дозволена за употреба во безалкохолните пијалоци. Веднаш потоа, македонската Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), информираше дека досега не е добиена нотификација преку Европскиот систем за известување за небезбедна храна и храна за животни (RASSF) дека на македонскиот пазар е пласиран небезбеден безалкохолен пијалак.

По забраната во Словенија, и хрватските власти најавија ограничување на потрошувачката на овој пијалок. По средбите со Хрватскиот институт за јавно здравје и Државниот инспекторат на Република Хрватска, во врска со ограничувањето на потрошувачката на енергетскиот пијалок „Прајм“ и никотинските кесички, министерот за здравство на Република Хрватска Вили Берош рече дека ќе направи сè за да ги ограничи ваквите производи.

Министерот се осврна и на изложеноста на децата на никотински кесички кои, како што наведува, имаат исклучително висока содржина на никотин.

„Сметав дека е крајно неопходно да ви се обратам и да преземам активности кои ќе влијаат на ограничувањето на ваквите производи. На пазарот има тутунски никотински кесички со многу висока содржина на никотин. Содржината на никотин може да биде од 20 мг до 50 мг, а 20 мг значи дека некој конзумирал количина на никотин еднаква на 20 цигари, а 50 мг е две и пол кутии цигари. Затоа, можете да замислите што ќе биде со еден наш ученик ако го стави во уста“, рече министерот.

Берош додаде дека никотинските ќесички имаат крајно неповолно влијание врз здравјето и дека постои и можност да се проголта кесичката, што може да доведе до смрт.

Инаку „Прајм“ во слободна продажба кај нас чини 480 денари. Освен пијалокот, кај нас се продава и чипс „Такис“, но и други американски производи, по повисоки цени.

„Прајм“ се здоби со популарност меѓу децата на ТикТок, со оглед на тоа дека го промовираат најпознатите инфлуенсери, американските јутубери Логан Пол и KSI. Пол на Јутјуб има 23,6 милиони претплатници, а KSI има 24,1 милиони претплатници.