И Заев и Мицкоски очекуваат дека ќе обезбедат мнозинство за формирање влада

Извор на фотографија: Влада на РСМ

После денешната прва конститутивна седница на Собранието, на која се избра новиот парламентарен состав на 120 пратеници, следи наредниот чекор, а тоа се преговорите меѓу политичките партии за формирање на парламентарно мнозинство што ќе ја избере нова влада. Со свои „математики“ за тоа која партија ќе обезбеди мнозинство за составот на идната влада, во јавноста се огласија лидерите на партиите кои добија најголем број на гласови на последните избори, СДСМ и ВМРО ДПМНЕ.

И Зоран Заев, претседателот на СДСМ, и Христијан Мицкоски, првиот човек на ВМРО ДПМНЕ, изјавија дека се надеваат оти ќе обезбедат мнозинство за да ја формираат идната влада. Заев ги очекува првите резултати за 10 до 15 дена.

Заев изјави дека сака да ги слушне размислувањата и идеите на ДУИ околу предлогот за ротација на премиерската позиција, но посочи дека на државата и е потребен премиер кој ќе се зафати да работи.

„Со 15 пратеници, премиер не се добива. Не ни треба премиер кој ќе остварува политички агенди, треба да размислуваме за премиер и за министри кои ќе работат за државата и за граѓаните. СДСМ никогаш немал проблем со определбата на кој било кандидат, за која било функција во државата, но за премиер треба да се имаат бројки“, изјави тој.

Заев додаде дека започнува процесот на разговори за формирање на ново парламентарно мнозинство и нова влада за што во наредниот период ќе се одржуваат средби и разговори со претседатели на политичките партии и за 10 до 15 дена се очекуваат првите резултати.

„Низ самиот преговарачки процес ние ќе утврдиме во кој правец треба да ги градиме идните политики. Верувам дека ќе обезбедиме стабилно парламентарно мнозинство кое што ќе гарантира стабилна влада што ќе опстои 4 години, нешто што е важно и за економијата и за граѓаните“, посочи Заев.

Во однос на коалицирањето со други политички партии, тој рече дека сите опции се отворени и дека процесот на разговори ќе го даде правецот за тоа кој би се приклучил на СДСМ и Коалицијата „Можеме“.

„Коалиција предводена од СДСМ може да формира влада и со ДУИ и со Алијанса и со Алтернатива, зависи од отстранувањето на национализмот, од цело едно поглавје за прочистување на правосудството и друго. Ќе ги разгледаме сите можности, сите опции се отворени во текот на овој преговарачки процес“, изјави Заев.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обвини и дека имало обид за „купување“ на пратеници од коалицијата што ја предводи неговата партија и потенцира дека таквите обиди биле одбиени.

„На пратеници им пристапија мистериозни личности кои се повикуваат на раководството на СДСМ, но тие со згрозување беа одбиени. И јас со згрозување одбивам да коментирам ваков вид пазар зашто така само ги демотивираме и деморализираме нашите сограѓани за следните локални избори“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ во периодот кој следи ќе се фокусира на преговори за формирање на ново парламентарно мнозинство, што ќе значи и нова влада која ќе биде фокусирана на справување со вистинските проблеми, а пред се со пандемијата и со економската криза.

„Но, што и да се случи во преговорите што ќе ги води ВМРО-ДПМНЕ, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои ќе бидат дел од овој парламентарен состав ќе бидат фокусирани исклучиво во предлози кои што ќе значат вистинска борба против криминалот и корупцијата“, рече Мицкоски.