fbpx

ХОПС: Профитот на приватните компании не е поважен од еднаквоста на граѓаните како уставно право

-

„Осигурителните компании вршат дискриминација врз основа на здравствен статус и припадност на маргинализирана група кон луѓето што употребуваат дроги и други групи на пациенти кои се лекуваат од различни хронични болести“, апелираат од Здружението ХОПС Опции за здрав живот Скопје и Мрежата за заштита од дискриминација. Тие се обратија до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација со претставка за случај на индиректна дискриминација врз основа на здравствен статус.

Според информациите со кои располагаат активистите, во февруари, на жена која во минатото се лекувала од Хепатит Ц не ѝ било овозможено приватно здравствено осигурување. „Приватната осигурителна компанија не им го овозможува ова право и на други лица кои во минатото или во моментот се лекуваат од различни болести“, нагласуваат од ХОПС.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација постапувајќи по претставката донесе мислење со коешто не утврди индиректна дискриминација по основ на здравствена состојба кон лицата кои употребуваат дроги, но и кон останатите лица со хронични заболувања.

„Избегнувањето на ризик од финансиска загуба, според Комисијата, претставува легитимна цел за да се дискриминираат различни групи на пациенти без разлика дали во моментот се лекуваат или се излечиле од некоја болест. На овој начин Комисијата неправилно го применува Законот за спречување и заштита од дискриминација што дефинира што може да биде легитимна цел, како: ’целта за чиешто остварување средствата треба да соодветствуваат со реалните потреби во конкретен случај, да се однапред прецизно дефинирани, да се неопходни за остварување на таа цел, како и да се пропорционални на ефектите што треба да се постигнат‘. Дали според Комисијата профитот на осигурителната компанија е реална потреба а дискриминацијата на пациентите е неопходен начин да се оствари таа цел?!“, прашуваат активистите.

Според нив, оваа практика е спротивна на меѓународните стандарди во областа и кршење на човековите права наведени во Европската Конвенција. „Профитот на приватните компании не може да се смета за поважен од еднаквоста на граѓаните како нивно уставно и меѓународно признаено право“, нагласуваат од ХОПС и додаваат дека комисијата се повикува на одредбите од областа на приватното здравствено осигурување без да се земе предвид дека дискриминацијата некогаш потекнува од самите закони.

„Ако нешто е уредено во закон не значи дека не може да биде дискриминација. Притоа треба да се има предвид дека овие лица се целосно исклучени од правото на приватно здравствено осигурување. За лицата кои имаат хронични заболувања кои влијаат на обемот на здравствени услуги кои ги примаат, компаниите можат да предвидат начин на плаќање и пресметување на реалните трошоци за лекување, но не и целосно исклучување од правото“, посочија организациите за заштита на човековите права.

Тие велат дека особено загрижува фактот што иако Комисија согласно Законот треба да претставува експертско и независно тело за спречување и заштита тоа тело не е доволно сензитивно во однос на прекршувањето на правата на маргинализираните заедници, каде спаѓаат и различни групи на пациенти, хронично болни и луѓе кои употребуваат или употребувале дроги.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата ги растера пропалестинските активисти од зградата на универзитетот во Париз

Француската полиција денес влегла во зградата на парискиот универзитет „Сијанс По“, и ги растерала пропалестинските активисти. Група од околу 70 студенти ја окупирале зградата на Институтот за политички науки во...