Вистиномер: Бизарна дезинформација е дека на Ноќта на вештерките ќе се изврши најмасовното жртвување на деца

Фото: Thirdman from Pexels

Објавата е полна со неточни, недокажани информации, податоци кои немаат ниту научна основа, ниту логика и претставува збир од паушални и сензационалистички нафрлени теории на заговор кои подолго време се шират на интернет просторот. Вакцините против ковид-19 беа предмет на бројни тестирања и постојано се проверуваат. Тие се сигурни, покажуваат високо ниво на ефикасност во борбата со ковид-19 и засега се единствена надеж за да ѝ се стави крај на пандемијата, пишува „Вистиномер“ во анализа на една дезинформација.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Застрашувачка објава на Фејсбук тврди дека децата ќе бидат жртвувани за време на американскиот празник Ноќта на вештерките (Halloween) и тоа го поврзува со вакцинирањето против ковид-19.

Оваа бизарно тврдење, за кое нема никакви докази, се базира врз одлуката на ФДА да ги одобри вакцините на „Фајзер“ за деца од 5 до 11 години.

Овде не станува збор за заштита на здравјето на децата, туку напротив, ова е обид за најмасовно жртвување на децата, токму поврзано со овој тнр. празник. Да не го заборавиме уште и тоа, дека со масовното имплементирање на процесот на в-нација на децата и возрасните, не само што се овозможува огромен профит на фармацевтските компании, не само што сето ова е поврзано и со планот за масовна депопулација на населението и драстично редуцирање на фертилитетот на жените, туку и дека сето ова е поврзано и со убивањето на бебињата во абортуси, кои се користени во производството на овие в-цини.

Од сето ова точно е само дека американската Агенција за храна и лекови (ФДА) ја одобри вакцината на „Фајзер“ за деца од 5 до 11 години на 29 октомври, односно два дена пред Ноќта на вештерките, којшто најмногу се прославува во САД.

Од ФДА велат дека одобрувањето било засновано на темелна и транспарентна евалуација на податоци, дека ефикасноста на вакцината кај оваа возрасна група е 90,7 отсто и дека вакцината е безбедна, односно дека не се откриени сериозни несакани ефекти во тековната студија. Во соопштението оттаму се вели дека познатите и потенцијалните придобивки од вакцината ги надминуваат познатите и потенцијалните ризици.

ФДА е посветена на донесување одлуки кои се водени од науката и на кои јавноста и здравствената заедница може да им верува. Ние сме уверени во безбедноста, ефективноста и производствените податоци зад одобрување на оваа вакцина, вели Питер Маркс, директор на Центарот за биолошка евалуација и истражување на ФДА.

Најчесто пријавени несакани ефекти во клиничкото испитување биле болка на местото на инјектирање (болна рака), црвенило и оток, замор, главоболка, болки во мускулите и/или зглобовите, треска, отечени лимфни јазли, гадење и намален апетит. Повеќе деца пријавиле несакани ефекти по втората доза отколку по првата доза. Несаканите ефекти биле генерално благи до умерени по сериозност и се појавиле во рок од два дена по вакцинацијата, а повеќето исчезнале во рок од еден до два дена.

НЕТОЧНИ И ПАУШАЛНИ ТВРДЕЊА

Во Фејсбук објавата, исто така, се тврди дека децата на оваа возраст немаат никаков ризик од ковид-19 и дека вакцинацијата не се прави за нивна заштита. Ова се неточни податоци.

Во САД, случаите на ковид-19 кај деца од 5 до 11 години претставуваат 39 отсто од случаите кај лица помлади од 18 години. Според Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), приближно 8.300 случаи на ковид-19 кај деца од 5 до 11 години резултирале со хоспитализација. Од 17 октомври, во САД се пријавени 691 смртни случаи од СОВИД-19 кај лица помлади од 18 години, со 146 смртни случаи во возрасната група од 5 до 11 години.

Тврдењата дека со вакцинацијата се врши масовна депопулација, се намалува плодноста и дека вакцините се поврзани со убивање на бебиња, се дополнителни апсолутни дезинформации споделени во оваа објава.

Нема докази кои покажуваат дека вакцините влијаат врз плодноста кај мажите или жените. Нема ниту едно истражување кое што ја може да го потврди ова тврдење кое што е широко распространето во обидот да се демотивираат луѓето да се вакцинираат. Има јасни докази кои потврдуваат дека вакцината нема ефект на функцијата на јајниците.

Професор доктор Катерина Ставриќ, клинички имунолг-педијатар, тоа го посочи на емисијата „Топ Тема“ на ТВ Телма, каде изјави дека предизвикувањето на неплодност од вакцините е мит, односно лажна вест и нема никаква научна основа, истакнувајќи вакцините не влијаат, ниту на зачнувањето, ниту за време на бременоста, ниту по породувањето.

Од ЦДЦ препорачуваат во САД да се вакцинираат и оние кои се бремени, дојат, се обидуваат да забременат сега или може да забременат во иднина. Бремените се со поголема веројатност да се разболат сериозно со ковид-19 во споредба со оние кои не се бремени.

Комплетно е непоткрепено со докази или какви било податоци и тврдењето дека вакцината против ковид-19 ќе ве убие односно нејзината цел е масовна депопулација. Ова потекнува од погрешно пренесена и толкувана изјава на милијардерот Бил Гејтс, кој е еден од најпогодените од ширењето на дезинформации поврзани со коронавирусот.

Уште една дезинформација е дека се убиваат бебиња за да се направат вакцините и дека тоа се прави со „ритуално сатанистичко убивање“. Вакцините против ковид-19 не содржат клетки од абортирани фетуси. Меѓутоа, за да се направат некои од вакцините против ковид-19, при тестирањето и истражувањата биле користени фетални клеточни линии. Феталните клеточни линии се нешто многу поразлично од ткиво од фетус. Тие понекогаш се користат во развојот, потврдувањето или производството на вакцини – вклучувајќи ги и вакцините против ковид-19. Иако за правење на вакцината се користеле фетални клеточни линии, лабораториски реплицирани за време на процесот на производство, самата вакцина не содржи ткиво од фетус.

Уште една голема дезинформација која се споделува во објавата, а и многу често на социјалните мрежи, е теоријата на заговор за адренохром за кој се тврди дека е афродизијак добиен од крвта на жртвувани бебиња.

Според најголемата медицинска библиотека во светот, Националната библиотека за медицина во САД, адренохромот е хемиско соединение добиено со оксидација на адреналин којшто е хормон на стрес, а неговата главна примена во медицината е да го запре крварењето со предизвикување згрутчување на крвта во отворените рани. Во лабораториите се синтетизира со помош на сребрен оксид кој се користи како оксидирачки агенс. Нема докази дека оваа супстанца се користи за подмладување, ниту пак, дека има халуциноген ефект

Објавата е полна со неточни, недокажани информации, податоци кои немаат ниту научна основа, ниту логика и претставува збир од паушални и сензационалистички нафрлени повеќе теории на заговор кои подолго време се шират на интернет просторот.

Вакцините против ковид-19 беа предмет на бројни тестирања и постојано се проверуваат. Тие се сигурни, покажуваат високо ниво на ефикасност во борбата со пандемијата и засега се единствена надеж за да ѝ се стави крај на пандемијата со ковид-19, пишува „Вистиномер“.