Фото: Wikimedia commons

На Меѓународниот ден на Ромите, кога низ светот се одбележува ромската култура, продолжува долгогодишната борба за подобар и подостоинствен живот на Ромите и потсетувањето за системската дискриминација со која тие секојдневно се соочуваат, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права во РСМ.

„На почетокот на пандемијата, граѓанскиот сектор апелираше за воведување засилени превентивни мерки за заштита од ковид-19 во населбите каде што живее ромско население, поради ранливата состојба во која многумина немаат пристап до чиста и питка вода и санитетски материјали, како клучни за заштита од коронавирусот. Имајќи предвид дека последиците од пандемијата особено можат да ја погодат ромската заедница, како на социјален, така и на економски план, неопходно е носење посебни мерки за помош и солидарност кои ќе ги адресираат специфичните околности во кои живеат Ромите“ децидни се од Комитетот.

Според нив, пристапот до здравствена заштита и понатаму останува проблематичен за Ромите, што дополнително се изрази во услови на пандемија.

„Покрај стравувањата поврзани со здравствената криза, вкоренетиот расизам кон Ромите се манифестираше во низа други инциденти. Полициската бруталност кон припадниците на ромската заедница стана честа практика изминатава година, што говори за постоење на расистички предрасуди кај полициските службеници и непрофесионално и незаконско постапување. Таков беше случајот со постапувањето на полицијата со бездомни лица во Скопје и двата случаи на полициска бруталност во Битола“ потсетуваат од Комитетот.

Оттаму додаваат дека забележано е и расистичко и насилничко однесување и кај други службени лица, како во инцидентот со контролорите на ЈСП и студентот Сирхан Усеин.

„Расното профилирање беше очигледно и во случајот со групата музичари, кои организирано се враќаа во земјава од Италија на почетокот на пандемијата. Тие беа ставени во карантин во Пепелиште, а по реакциите за лошите услови беа преместени во Демир Капија. Од друга страна, сите останати 200 патници биле упатени да се самоизолираат во своите домови“, велат од Хелсиншки.

За елиминација на расната дискриминација тие посочуваат дека расното профилирање има негативни и кумулативни ефекти врз благосостојбата на поединците и заедниците, имајќи предвид дека едно лице може секојдневно да биде подложено на расно профилирање во неговиот или нејзиниот живот.

Според Хелсиншкиот комитет, на овој начин кај жртвите на расно профилирање се создава огромна недоверба во надлежните институции за спроведување на законите. А освен тоа, кај нив се создава чувство на неправда, понижување и страв од повторување, со што тие дополнително стануваат и потенцијални жртви на секундарна виктимизација.