fbpx

Грчкиот парламент во жешка атмосфера попладнево гласа за договорот за името

-

Иако во грчкиот парламент требаше да се гласа ноќеска за ратификација на Преспанскиот договор, постапката се развлече поради огромниот број пријавени пратеници за збор, поради што најверојатно за ратификацијата ќе се гласа денеска околу 14.30 часот по локално време.

Сè уште е неизвесно каков ќе биде исходот, оти последните анкети во Грција покажуваат сериозна предност на опозициската Нова Демократија, која остро се противи на Договорот од Преспа,  пред владејачката СИРИЗА.

Од вкупно 300 пратеници, за дискусијата збор побарале 230. Додека вчера траеше дебатата, околу 5 илјади членови на националистички организации беа собрани на протести пред парламентот во Атина но и во Солун извикувајќи „Македонија е само грчка“. Дел од нив фрлаа со пиротенички материјали и камења врз полицијата. Припадниците на полициските сили употребија заслепувачки гранати, спреј и палки за растерување на насилните демонстранти.

Лидерот на опозициската Нова Демократија, Киријакос Мицотакис, го обвини грчкиот премиер дека ги „игнорира патриотските чувства“ на милиони Грци. Тој се закани дека ќе го блокира членството на Македонија во ЕУ доколку неговата партија биде победник на изборите.

– Приклучувањето на Скопје во ЕУ не е поврзано со Преспанскиот договор. Грција во секој момент ќе може да стави вето на приклучувањето на Скопје во ЕУ. А, јас лично, ве уверувам дека нема да се откажам од ова национално право – рече лидерот на опозицијата.

Одговарајќи им на сите кои се противат зборот Македонија да биде во името на северниот сосед, грчкиот премиер Алексис Ципрас синоќа во парламентот ги потсети грчките комунисти на „славомакедонскиот буквар и Славомакедонката Мирка Гинова“. Тој во говорот одговори и на сите критики од неговиот политичкиот опонент – лидерот на Нова Демократија, Кирјакос Мицотакис, а потсети на отстапки што ги направиле неговите претходници и политичари од претходни гарнитури, но и некои политичари што го критикуваат за „национално предавство“.

Според Ципрас „токму инерцијата и одложувањето кои станале доктрина за надворешната политика на Грција, завршувале со постојани дипломатски порази за грчката страна и резултирале со тоа повеќе од 130 земји, вклучувајќи ги САД, Русија и Кина, соседната земја да ја нарекуваат Македонија“.

– Каде бевте во 2008-2009 година, кога беше договорено визна либерализација за пасоши на македонски граѓани во Шенген-зоната? – ги праша Ципрас своите политички опоненти.

Грчкиот премиер им се обрати и на пратениците од Комунистичката партија, спомнувајќи ја антифашистичката хероина Мирка Гинова, (родена во село Русилово, Воденско, и осудена на смрт со стрелање на 26 јули 1946 година во Ениџе-Вардар). Тој ја именуваше со македонското име, и со името (Ирини Гини) со кое ѝ се обраќале членовите на грчката Комунистичка партија.

-Не сакам да ја критикувам историјата на Комунистичката партија на Грција, онаа која се однесува на славомакедонскиот буквар кој ваши членови им го делеа во Ташкент на децата на славомакедонските борци на ДАГ. Ниту 70.000 цивилни бегалци кои грчката држава ги лиши од правото да се вратат во својата татковина во 1983 година. Ниту Славомакедонката Ирини Гини, Мирка Гинова, првата жена стрелана во граѓанска војна. Вие и вашите луѓе соочете се со тоа – рече Ципрас.

Тој ги осуди и нападите против одредени грчки пратеници кои се залагаат за Договорот за Преспа.

Како и да е, сè уште е неизвесно како ќе гласаат независните пратеници, ако се земат предвид најновите анкети што ја затресоа Грција, покажувајќи дека остриот противник на Преспанскиот договор, опозициската Нова Демократија, значително води пред СИРИЗА во однос на расположението на гласачите за изјаснување на парламентарни избори.

Инаку, според најновата анкета направена од „Пулс“ за телевизијата Скај, Нова Демократија води пред СИРИЗА со 10,5 отсто, додека во анкетата направена за in.gr, предноста на опозицијата пред владејчката партија е 9,8 отсто.

Според „Пулс“, Нова Демократија има 33 отсто доверба, што е пад за половина процент во однос на претходната ваква анкета. СИРИЗА има доверба од 22,5 отсто, што исто така е половина процент помалку отколку на претходната анкета на „Пулс“, а треба е ултрнационалистичката „Златна Зора“ со 8 отсто. Таа доживеала пораст на довербата од 1 отсто во однос на претходната анкета, a по неа е КИНАЛ, коалицијата на ПАСОК, со 6,5 отсто доверба, а Комунистичката партија има 5,5 отсто, а  на претходната анкета на „Пулс“ забележала 6 отсто доверба.

Во проценките кој би победил на парламентарни избори ако се одржат сега, води Нова Демократијат на Киријакос Мицотакис со 59 отсто (на претходната анкета 57 отсто), а шанса за победа на СИРИЗА дале само 22 отсто од испитаниците (на претходната анкета 25 отсто).

Претседателот на Независни Грци, Панос Каменос, на „Твитер“ напиша дека бара оставки од 101 пратеник за да се спречи ратификација на Договорот од Преспа кој треба да се гласа денеска во грчкиот Парламент.

Каменос најпрво самиот понудил оставка, а потоа побарал уште 100 пратеници да го сторат истото.

„Најпрво ќе ја поднесам мојата оставка. До 14 часот ќе можеме да ја спречиме ратификацијата на Договорот од Преспа со 101 оставка во парламентот и да со тоа да ставиме крај на овој договор“, напиша Каменос.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...