Спорот за името може да се најде на листата дипломатски приоритети на грчката влада есенва, поради силниот американски притисок. По враќањето на грчкиот премиер Алексис Ципрас во Атина, грчките медиуми продолжуваат да пишуваат дека САД вршат, и ќе продолжат да вршат, активен притисок за решавање на спорот за името.
Во тој дух во ноември, според „Етнос“, во Атина ќе пристигне американскиот државен секретар Џон Кери, кој, наводно, е фокусиран на притисок за решавање на кипарското прашање и на спорот за името.
Теренот за посетата на Кери, според весникот, ќе го подготви неколку недели претходно, заменичката на државниот секретар, Викторија Нуланд, која нема многу симпатизери во Грција поради нејзините притисоци околу спорот за името.
Весникот „Катимерини“ пишува дека Нуланд стои зад сите засилени активности од американска страна да се притиснат Атина и Скопје за наоѓање решение. Според информации на весникот од официјалните дописи на грчките амбасадори во Скопје и во Вашингтон до грчкото Министерство за надворешни работи, Нуланд има зацртано цел покрај решавање на политичката криза, да ја натера владата во Македонија да го реши и спорот за името.
Она што, според „Катимерини“, треба да ја загрижи Грција се информациите дека САД подготвуваат нова покана за прием на Македонија во НАТО, без тоа да биде на еден од самитите на Алијансата. Ваков чекор се претпоставува дека одново ќе ја стави Грција во лоша ситуација, принудувајќи ја да стави вето на ваквата одлука ако не е решен спорот за името.
Ципрас самиот истакнал пред Груевски и пред Кери, кој се заложил да го испита пулсот на македонската влада за решавање на спорот, дека Грција нема намера да прави отстапки и да дозволи Македонија да се приклучи на Алијансата ако не се најде компромисно решение за името. Грчкиот премиер, според „Етнос“, побарал САД да му пренесат на Груевски да го смени неговиот цврст став бидејќи без грчка поддршка и зелено светло, Македонија нема никаква перспектива во меѓународните организација.
– Во ноември ќе се види дали има поента да се занимаваме со ова прашање и да даваме нови предлози – изјавил Ципрас според информациите на весникот, иако посочил дека Грција има волја да се најде компромисно решение.
Грчкиот премиер додал дека доколку се види дека државата се стабилизира и завршува политичката криза, тогаш Грција може да почне да дава нови предлози, но дека ако работите се поинакви, не гледа поента да се ангажираат за одново да добијат ново упорно одбивање на грчките предлози.
На грчките размислувања, Кери одговорил со волја да разгледа какви се ставовите од македонска страна и да изврши притисок и во Скопје за и двете страни да им дадат нова шанса на преговорите и можност да се дојде до компромис.
Според информациите, Ципрас смета дека ставовите на Груевски се националистички и мора да се направат отстапки за да се дојде до компромис. Грчката вознемиреност од позициите на Груевски не се намали ни по говорот на македонскиот премиер во Њујорк, кој грчката десничарска партија Нова демократија го оцени како нова провокација и неконструктивни ставови наместо волја за компромис од македонска страна.