Граѓански инспекциски совет: Предлог-законот за инспекциски надзор инспекторите за животна средина ги претвора во бирократи

Фото: ДИЖС

Новиот Предлог-закон за инспекциски надзор во животната средина не ги дефинира јасно и не ги раздвојува надлежностите на државните и овластените инспектори, ниту пак го утрврдува начинот на кој тие треба заеднички да работат и постапуваат, не нуди механизми за контрола против евентуално неажурно, неодговорно и коруптивно однесување на инспекторите и не предвидува начини за технолошки развој и примена на нови технологии и доопремување на инспекторатите. Ова се само главните забелешки, од над триесетина, кои денеска ги изнесе Граѓанскиот инспекциски совет, откако Министерството за животна средина го објави текстот на Предлог-законот.

Од Советот побараа нивни претставник да биде вклучен во работна група која ќе работи на доработка на ова законско решение, бидејќи сметаат дека предложениот закон инспекторите ќе ги претвори во бирократи кои треба да водат политики и да пишуваат стратегии и програми, наместо да бидат борци против загадувањето на животната средина.

„На законот му недостасуваат реални алатки за Државниот инспекторат за животна средина да не биде бирократска, туку добро обучена и опремена институција. Исто така решението не обезбедува учество на јавноста во следењето на работата на инспекциските служби. Предлагаме Граѓанскиот инспекциски совет да биде вграден и формално како структура, како еден активен граѓански контролен механизам врз работењето на Инспекторатот и да се обезбеди задолжителна информатичка платформа за транспарентност на процесот од пријавувањето на загадувањето, преку спроведувањето на инспекцискиот надзор, до изрекувањето на мерките“, вели Лилјана Поповска, координаторка на Граѓанскиот инспекциски совет.

Една од забелешките на ГИС е дека законското решение не ги предвидува стандардните оперативни процедури и листите за проверка како задолжителни при инспекцискиот надзор, што може да предизвика необјективност од инспекторите, но и правна несигурност кај субјектите врз кои се врши инспекциски надзор.

„Предложените законски одредби со кои се утврдуваат формата и содржината на обрасците и актите се во директна колизија со Законот за инспекциски надзор, што може да доведе до постоење на паралелни системи за координација и стратешко планирање, како и до судир на надлежностите помеѓу Државниот инспекторат за животна средина и Инспекцискиот совет за инспекција во сите области“, вели Кирил Ристовски од ЦЕД Флорозон.

Според експертот по управно право, Жарко Хаџи Зафиров, доколку успешно се разграничат надлежностите, структурата и работата на Државниот инспекторат за животна средина, ќе се добие квалитетно законско решение, затоа што многу е тешко да се обединат надлежностите во однос на спроведувањето на инспекцијата во животната средина на државно и локално ниво.