fbpx

Градот сака зиплајн на Водно, екологистите бараат дрвја и зеленило

-

Градот вчера пред претставници на граѓанските здруженија и на планинарски и велосипедски клубови ја презентираше Студијата за Водно како туристичко-рекреативен центар, изработена од експерти од Словенија и Австрија, со која се предвидуваат спортско-рекреативни содржини на падините на планината.

Со оваа студија Градот ги најави намерите за зголемување на комерцијалниот ефект од зголемената посетеност на Водно преку збогатување на понудата за посетителите.

„Жичарницата на Водно годишно превезува 200 илјади луѓе, а бројот на посетителите секоја година се зголемува, но фалат содржини, посебно за помладата популација“, смета Андреа Жигон, еден од изготвувачите на Студијата.

Студијата предвидува изградба на адреналински патеки за велосипедисти, зиплајни, рекреативен парк со реквизити за деца, изнајмување на безмоторни трицикли и велосипеди и други содржини, како и одбележување и раздвојување на патеките за планинарење и маунтбајкинг, кои сега се користат и за двата спорта.

Според Татјана Стојановска од „Го сакам Водно“, оваа студија е несериозна и тотално непотребна.

„Не ми се допаѓа идејата да воведуваме содржини за да имаме повеќе туристи на Водно. Според презентацијата, не е точно одредено во кои делови ќе минуваат новите патеки и каде точно ќе се изведат сите патеки и други содржини“, рече Стојановска и потсети дека Водно е неопходно да се пошумува, а не во него нешто да се гради.

Од „Спас за Водно“ беше поставено прашањето зошто е потребно Водно да стане туристичка атракција и што добиваат граѓаните со енормното зголемување на бројот на посетители на неговите падини, како и колку дрвја ќе се исечат за да се направи се што е предвидено на Водно. Екологистите потсетија дека неговата примарна функција е да биде заштита на градот од поплави и место каде граѓаните ќе најдат спокој и чист воздух.

„Овие содржини се само предлог и дека при изведбата нема да има сеча на дрвја бидејќи содржините ќе бидат вклопени во природата. Степенот за заштита на Водно ќе ни каже кои содржини можат да изведат, а кои не. Целта не е загрозување на животната средина, туку да воведеме содржини поради кои подолго време ќе останеме на планината. Сите содржини ќе бидат вклопени меѓу дрвјата, а постојат услови без сеча на дрвја да се изведат патеки за велосипедисти“, им одговори на екологистите Марко Тодоров, раководител на секторот за локален економски развој на Град Скопје.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов во повеќе наврати најави дека на Водно ќе се урбанизира, односно ќе се градат нови содржини за забава и рекреација. На јавната расправа за студијата за валоризација и заштита на Водно Шилегов неодамна објави дека Градот распишал јавен оглас за изработка на Студија за туристичко-рекреативен центар Водно, а дека околу 290.000 евра од доделените 700.000 евра од МЕР наменети за ревитализација на зеленилото поради изградба на гасоводот ќе се искористат за нов туристичко-рекреативен центар. На ова реагираа од Го сакам Водно, барајќи парите за пошумување целосно да бидат искористени за намената за која се дадени.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со автоматска пушка влегол во казино во Лешок и украл над 300.000 денари

Наредба за истражна постапка против 28-годишен жител на селото Непроштено, Општина Теарце, кој е осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка, донесе Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово. Во...