ГОБ „8 Септември“ чека анестезиолози за да се прават операции, на клиниките не се пуштени сите услуги

Фото: Арбнора Мемети

Сè уште не се достапни сите здравствени услуги на сите оддели на клиниките и во болниците во државата за граѓаните, но многу скоро сè ќе се пушти во употреба и сите услуги ќе им бидат достапни, вели за „Мета.мк“ министерот за здравство Венко Филипче. На клиниките во моментов не се прават сите операции, во ГОБ „8 Септември“ сè е подготвено за да профункционира оперативниот блок, но се чекаат анестезиолози, додека во примарното здравство немаше никаков застој во однос на дијагностика и специјалистички прегледи.

Проф. д-р Нино Васев, директор на Клиниката за онкологија, за „Мета.мк“ информира дека во целиот период на криза, клиниката работела без престан.

– Се вршеа сите закажани хемотерапии и зрачења. Од средина на мај и контролите се вратени и сè редовно прегледуваме, исто како што правиме и во нормални услови. Во светот секаде функционира онкологијата. Ковид-19 не е поопасен од карциномот – вели Васев.

Тој додава дека динамиката на пациенти на клиниката е класична, односно имаат од 5.000 до 6.000 нови пациенти годишно.

– Кај нас ниеден пациент не е вратен. Онколошкиот третман мора да тече. За контроли, за прегледи, за сè функционираме. Се закажува и преку „Мој термин“, но имаме и специјален телефон за закажување – информира Васев.

Д-р Христијан Костов, директорот на болницата „8 Септември“ која е и ковид центар изминативе четири и пол месеци, вели дека во план е да започне функционирањето на нормален програм.

– Во план е да почнеме со операции барем по три дневно на оние пациенти со малигни заболувања. Проблем ни е недостигот на анестезиолози, немаме доволно. Имавме две позитивни докторки, кои сега се негативни, но не се доволни. Ако ни дадат барем двајца, би можеле да почнеме да оперираме. Сè ни е подготвено во оперативниот блок, имаме хирурзи, инструментарки, само ни фалат анестезиолози. Што се однесува до одделите за очно, ушно, ортопедија, урологија, тие си беа отворени и досега, амбулантите работеа. Фрекфенцијата на пациенти беше минимална, но услугите беа на располагање. Ако има „Мој термин“, бројот ќе се зголеми. Битно ни е да можеме хирургијата да ја отвориме – вели Костов.

Тој информира дека деновиве малку е спласната ситуацијата со ковид-19.

– Имаме седум нови приеми вчера. Пет пациенти се на респиратор. Од почетокот на кризата досега, во болницава имало 9.700 прегледи, од кои 90 отсто се ковид-пациенти. Од нив, 1.500 биле хоспитализирани. Мислам дека треба секоја болница да си има оддели за позитивни пациенти, да се направат тријажни центри. Морам да го одморам персоналот малку, преморен е, немаше кај нас ротации како што имаше на други места. Сега веќе има протокол на лекување па затоа би било добро да не доаѓаат сите овде. Добро е да има низ државата пет-шест вакви центри, за да не се создава метеж – додава Костов.

Во примарното здравство услугите се на располагање уште од почетокот на кризата. Проф. д-р Виктор Исјановски, директор на Здравствен дом Скопје, вели дека не престанало давањето услуги уште со почетокот на кризата.

– Сите специјалистички служби од рентген, неврологија, ушно, очно, психијатрија, мамографија, компјутер, магнет, сите функционираат нормално, во две смени. Комисиите за боледување не прекинаа со работа, ниту првостепената, ниту второстепената, а работи постојано и комисијата за туѓа нега. Сè функционира преку „Мој термин“ преку матичен доктор луѓето доаѓаат на прегледи за да не се изложуваат на ризик во другите болници. Исто така, во сите амбуланти функционира и превентивата, вакцинирањето и во време на пандемија работи, лабораториите исто така. Физикална терапија, спортска медицина, сè е во функција – информира Исјановски.