Георги Господинов на 1 декември во МКЦ ќе го промовира новиот роман на македонски јазик

На 1 декември во киното Фросина во МКЦ од 21 часот ќе се одржи промоција на романот „Засолниште во времето“ со гостување на прославениот бугарски писател, Георги Господинов како автор на книгата, информираат од издавачката куќа „Или Или“.

Романот од бугарски на македонски јазик го преведе Душко Крстевски. Објавувањето на романот и промоцијата се дел од проектот „Европска литература: зачувување на солидарноста во заканувачки контексти“ на издавачката куќа „Или-Или“ во Програмата „Креативна Европа“ на ЕУ.

Модератор на промоцијата ќе биде Дарин Ангеловски, а промоторки на романот Оливера Ќорвезироска и Калина Малеска.

Во Својот роман „Засолниште во времето“, бугарскиот автор го претставува светот во којшто луѓето го бараат засолништето во минатото. Она што првично било замислено како терапија за луѓето со алцхајмер и деменција, станува дистопија: во секоја европска земја се одржува референдум за изборот на деценијата во која би сакале да се вратат.

„Моќен и брилијантен роман: јасен, претчувствителен, енигматичен. Роман во кој иднината попушта како скапана греда, а минатото надоаѓа како поплава“, ќе напише за романот на Господинов, Сандро Веронези, двоен добитник на Премио Стрега.

Георги Господинов (1968) е поет, романсиер и сценарист. Тој е најпреведуваниот бугарски современ писател, чии книги досега се преведени на повеќе од дваесетина јазици. На македонски се објавени: „Природен роман“(Темплум, Или-Или), „И други приказни“ (Темплум), како и збирката песни „Балади и распади“ (Блесок), неговиот најуспешен роман, „Физика на тагата“ (Или-Или, 2015) , и збирките раскази „И сè стана месечина“ (Или-Или, 2017) и „Сите наши тела“ (Или-Или, 2019).