Фотонапонски централи и ветерни паркови можат да се изградат на камењари и неплодно земјиште без поголема вредност за природата и живиот свет, кои во земјава ги има на повеќе локации. На нив може да се постават обновливи извори на енергија, кои можат да задоволат и двојно поголема потреба за струја од сегашната, покажува истражувањето направено од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) во партнерство со Еко-свест и глобалната организација The Nature Conservancy.
За локациите погодни за инсталирање на ваков тип на централи е изготвена мапа со користење на податоци од катастарот, детални мапи за екосистемите, мапи за сончевото зрачење и движењето на ветровите. Основен критериум во ова мапирање беше да се исклучат сите заштитени подрачја и сите подрачја важни за биодиверзитетот, целото плодно обработливо земјоделско земјиште, локациите на кои се издадени концесии за експлоатација на минерални суровини и локациите на кои веќе се поставени или е одобрено поставување на обновливи извори на енергија.
„Резултатите укажуваат дека во земјата има доволно површини за нови обновливи извори на енергија без притоа воопшто да има потреба да се жртвува ниту плодно земјиште, ниту подрачја кои се важни за природната разновидност или реките. Целта беше да се докаже дека има доволно простор и подрачја каде може да се инвестира без конфликт со природата и без загрозување на производството на храна“, рече Ана Чоловиќ-Лешоска од Еко-свест.
Александар Дединец од истражувачкиот тим на МАНУ кој ги презентираше наодите, посочи дека проценетото производство на електрична енергија на овие локации може да задоволи и повеќе од двојно поголема побарувачка за енергија од моменталната. Тој смета дека мапата може да биде голем придонес во процесот на енергетското планирање и државното вложување во инфраструктурата, но и значаен патоказ за инвеститорите.
„Во иднина ако зборуваме за стратешки проекти во доменот на обновливи извори, тие би требало да бидат предмет на проценка согласно методологија со која тој проект ќе се гради на најповолната локација, а не на некои локации кои може да бидат спорни. Ова би било една од додадените вредности на истражувањето кое ќе помогне при изборот каде да се градат тие стратешки проекти“, изјави Дединец.
МАНУ досега изработи и Студија за користење на рудници и други браунфилд локации, односно за паметно позиционирање на проектите врз деградирани земјишта. Со првата фаза на проектот се идентификуваа 650 MW капацитет за овие проекти.