Фондацијата Метаморфозис и тимот на КриТинк ја искажува целосната поддршка за нашата соработничка Мирослава Бурнс која деновиве е мета на вулгарни, сексистички и дискриминаторски напади. Нападите изобилуваат со навреди и клевети, непримерен и загрозувачки говор, но постојат и елементи кои можат да се окарактеризираат како говор на омраза, што е кривично дело според Кривичниот законик.
„Го осудуваме секој облик на дискриминација, говор на омраза и злоупотреба на медиумскиот простор за пресметки и навредувања на лична основа, што е директно кршење на членовите 7, 10 и 16 од Кодексот на новинари“, се вели во објавата на Фејсбук на Фондацијата Метаморфозис.
Од Фондацијата дополнуваат дека уште пострашен е фактот што ваквите напади се реакција на текст кој го напиша новинарката Бурнс, а се однесува на претходна објава на истото онлајн издание, која исто така изобилува со истиот примитивен говор кој ги прекршува член 7, член 10, член 11 и член 13 од Кодексот на новинари.
„Ниеден новинар не смее да биде клеветен, навредуван и дискриминиран само затоа што работи на теми кои се однесуваат на почитување на медиумските стандарди, засилување на новинарската професионалност и ширењето на медиумската писменост, инаку, цели на чие постигнување работи КриТинк“, реагираат од Фондација Метаморфозис.
Фондација Метаморфозис и тимот на КриТинк сметаат дека начинот на комуникација со јавноста, кој се практикува во овие напади не смее да најде простор во јавниот дискурс. Говорот на омраза претставува насилство, кое е на рамниште на физичкото насилство. Како таков, тој во никој случај не смее да стане нормална појава зашто така секој од нас може да стане негова жртва.